Груевски остана само почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Архивска фотографија- Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски на прослава на 26 роденден на владејачката партија.

Претседателот на Собранието денеска ги констатираше оставките на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски кој е азилант во Унгарија и на пратеникот од владејачкото мнозинство Павле Богоевски, за кој беше објавена контроверзна аудио снимка.

Претседателот на Собранието Талат Џафери само ја констатираше оставката на пратеникот Никола Груевски, a како беспредметна ја повлече претходно ставената точка на дневен ред која предвидуваше и расправа за мандатот на Груевски врз основа на поднесениот извештај на мандатно имунитетната собраниска комисија.

„Ве известувам дека пратеникот Никола Груевски поднесе оставка од функцијата пратеник во Собранието на Република Северна Македонија на 5 јуни 2019 година. Констатирам дека согласно член 152 став 1 алинеја 1 од Изборниот законик на пратеникот Никола Груевски му престанува мандатот на пратеник во Собранието на Република Македонија“, рече Џафери.

Со ова политичарот кој 14 години беше на највисоките државни позиции останува само почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Груевски беше министер за трговија, подоцна и за финансии во владата на Љубчо Георгиевски, а премиер беше десетина години.

Џафери, веднаш по констатирањето на оставката на Груевски, ја констатираше и оставката на пратеникот од владејачкото мнозинство Павле Богоевски.

„Одговорност се поднесува лично и храбро и со крената глава пред тие кои те избрале, а не кукавички и во бегство и криејќи се зад диктатори со слични уверувања“, рече Богоевски.

Тој поднесе оставка откако беше објавена аудио снимка во која, како што рече, нарачувал масло од канабис за негова роднина со здравствени проблеми, а опозицијата бараше одговорност. На неговото пратеничко место, сега би требало да дојде Александар Филиповски.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски реагираше на говорот на Богоевски, наведувајќи дека нескриена била омразата и од фрустрацијата кон ВМРО-ДПМНЕ.

„Непримерниот ваш однос во изминатиот период кон колегите пратеници од говорницата по принципот на карма ви се враќа вам. Нека биде поука за сите колеги пратеници“, рече Мицевски.

Инаку, Груевски веќе седми месец не присуствува на собраниските седници откако избега во Унгарија. Кон крајот на минатиот месец собраниската Комисија за мандатни прашања предложи да му се одземе мандатот оти бил неоправдано отсутен шест месеци.

Неколку дена подоцна самиот Груевски на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека си поднесува оставка, а подоцна и ја испрати до Собранието, но на унгарски јазик. Со ова всушност се избегна ситуација во која би можело да дојде до поделби во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, па дел да гласаат за одземање на мандатот, а дел не.

Неединството за прашањето поврзано со нивниот поранешен партиски претседател, а сега почесен претседател се навести по изјавите на некои пратеници дека тој е оправдано отсутен и на дел од раководството оти сметаат дека ќе се оди на варијантата неоправдано отсуство повеќе од шест месеци. Сега на местото на Груевски доаѓа 44 годишниот валандовчанец Ѓоко Камчев. Тој беше пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во претходниот пратенички состав.

Груевски избега од Скопје во Будимпешта поминувајќи преку Албанија, Црна Гора и Србија. Во Унгарија доби азил за една недела откога пристигна таму. Седум месеци подоцна, Груевски остана без пратенички мандат, но ниту еден од надлежните досега не понесе одговорност за неговото бегство. Од Министерството за внатрешни работи и од Јавното обвинителство водеа истраги кои не донесоа до виновците за пропустот во однос на поранешниот премиер.Тој беше осуден на две години затворска казна за случајот Тенк кој се однесува на нелегална набавка на мерцедес, а против него Специјалното јавно обвинителство води уште неколку случаи.

Во меѓувреме, актуелниот почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ останува како азилант во Унгарија, а тамошните медиуми повремено го фотографираат или снимаат на средби со унгарски дипломати или на забави на бизнис заедницата. Во Будимпешта, според снимките, тој имал и сопствен возач.