Македонските власти се задоволни од позитивниот извештај и препораката за преговори за членство во ЕУ и очекуваат земјава да добие датум за преговори.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар денеска им го предаде извештајот на претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и на премиерот Зоран Заев на церемонија во претседателската Вила Водно.
Претседателот Пендаровски рече дека извештајот реално ги отсликува состојбите во земјата. Тој рече дека очекува Европскиот совет да ги валоризира напорите на земјава и во јуни да донесе одлука за почеток на преговори на членство со Македонија.
„Наместо да биде колекционер на позитивни извештаи, очекувам Република Северна Македонија да добие фер шанса и да се трансформира преку отворањето на секое одделно поглавје од пристапните преговори. Секое дополнително одложување на почетокот на преговорите ќе влијае демотивирачки на нашето општество и ќе има сериозни импликации врз спроведувањето на реформските процеси, но истовремено може да биде разбрано и како поттик на антиевропските политичари од целиот регион, што е спротивно на напорите за стабилизирање и интегрирање на нашиот регион“, рече Пендаровски.
Видете и ова: Неизвесност од ЕУ за пакетот за проширувањеПремиерот Зоран Заев рече дека Македонија испорачала реформи и ги подобрила односите со соседите и оти сега се на потег земјите членки на ЕУ. Со задоволство ги примивме сите позитивни оценки кои доминираат во извештајот, а со внимание ги прифаќаме сите забелешки кои ќе ни помогнат да бидеме уште подобри, рече Заев.
„Нашите задачи ги исполнивме од прва до последна и целосно сме подготвени за почеток на преговорите. Сега на потег се државите-членки и институциите на ЕУ. На потег е Европа да испорача одлука и доверба што ќе ни ја донесе врз основа на нашите заслуги. Испораката на јасен став за старт на процесот на преговори е исто така во интерес на ЕУ, за улогата на ЕУ како глобален играч, за нејзината надворешна политика, за идните перспективи на овој регион“, рече тој.
Заев рече дека отворањето на преговорите е единствената гаранција за одржување на домашната стабилност и одржување на реформскиот импулс со позитивни ефекти за целиот регион.
Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека Македонија во целост ги исполни препораките од минатогодишниот самит на ЕУ и затоа очекува датум за преговори.
„Ние нашиот дел од домашните задачи го завршивме и во тој контекст очекуваме овој извештај да биде дополнет со конечната одлука на Советот на ЕУ за определување датум за почеток на пристапните преговори, со што уште една ќе покаже и ќе докаже дека стои на политиката за отворени врати за проширувањето“, рече Џафери.
Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар рече дека Македонија е уникатна држава во регионот на позитивен начин.
„Сите услови што беа поставени од земјите членки минатиот јуни за да се започнат преговорите наредниот месец се исполнети. Како што кажаа еврокомесарите Јоханес Хан и Федерика Могерини, државата е подготвена сега, сега, во овој момент, да ги започне преговорите“, рече Жбогар.
Тој рече дека реформите треба да продолжат и очекува дека ќе се задржи ентузијазмот.