Република Северна Македонија доби препорака за отпочнување на преговори со Европската Унија. Ова денеска го потврди еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој пред Комитетот за надворешна политика на Европскиот Парламент ,кој ќе расправа по ова прашање, го претстави пакетот за проширување на ЕУ. Препорака за отварање преговори доби и Албанија.
Еврокомесарот Хан повтори дека Европската Унија останува партнер на земјите од Западен Балкан и ги пофали реформите кои двете земји ги постигнале во изминатата година.
„Северна Македонија не само што продолжи со својата амбициозна реформска агенда, туку и го постигна историскиот договор со Грција, решавајќи го долгогодишниот спор за името. Ова заедно со билатералниот договор со Бугарија е пример за зајакнување на добрососедските односи во целиот регион. Ова е светол пример за другите земји и сведочи за привлечната моќ на европската перспектива. Двете земји испорачаа резултати во реформите кои беа едногласно усвоени на Советот во јуни 2018 година. Врз основа на тоа Комисијата препорачува Советот да ги отвори преговорите со Албанија и Северна Македонија, сега“, рече Хан во своето обраќање.
Хан додаде дека со цел да се задржи довербата во Унијата и земјите членки и тие треба да се држат до своите обврски и да одговорат јасно и позитивно, тогаш кога земјите ќе ги исполнат своите обврски.
Според процедурата понатаму, министрите за надворешни работи на земјите - членки на ЕУ, ќе треба да расправаат за отворањето на преговори со Северна Македонија и Албанија, веднаш по објавувањето на пакетот.
Известувачот за Северна Македонија во Европскиот Парламент, Иво Вајгл ,од своја страна, денеска го поддржа пакетот за проширување на ЕУ на еврокомесарот Јоханес Хан. Тој порача дека Северна Македонија не треба да се оценува само врз системот на заслуги, туку и врз дадените ветувања од ЕУ.
„Им ветивме дека ако испорачаат, ако ја отворат политиката кон нов пристап со соседните земји, ако постигнат компромис со Грција, треба да бидат наградени и нивната посветеност треба да биде испочитувана, инаку ЕУ ќе загуби кредибилитет, не само во Северна Македонија, туку и во Западен Балкан“, порача Вајгал пред Комитетот за надворешна политика на ЕП.
Според дипломатски извори, нема согласност од сите земји- членки на ЕУ за отворање на преговорите, бидејќи во некои од нив се потребни процедури на национално ниво, а временската рамка не го дозволува тоа. Кај други земји членки пак нема расположение за давање на зелено светло. За отпочнување на преговорите е неопходна едногласна одлука од сите земји- членки. Ставовите се усогласуваат на ниво на министри, а конечниот политички печат мора да го дадат шефовите на држави и влади.
Ова е десетта препорака за Северна Македонија, а втора за Албанија. Минатата година Европската Унија даде условна препорака за почеток на пристапни преговори доколку земјата ги изврши реформите, односно ги задоволи критериумите што важат во ЕУ.
Во однос на соседните земји Србија и Црна Гора, Хан посочи дека тие треба да продолжат со реформи во правото и додаде дека тоа е предуслов да продолжат со европските перспективи. Тој истакна дека дијалогот Косово - Србија мора да продолжи и повика да не се потпаѓа на провокации кои би можеле да ја загрозат стабилноста во регионот.