Надвор „блескави“, внатре нереформирани

Архивска фотографија- македонско и знаме на ЕУ во Скопје

Наспроти успесите кои аналитичарите ги посочуваат на надворешен план, внатре во земјава, според нив, недостасуваат сериозни реформи особено во две области- владеење на правото и економијата.

Четворица претседатели, двајца министри за надворешни работи и двајца заменици министри за надворешни работи присуствуваа на инаугурацијата на новиот претседател Стево Пендаровски. На првата инаугурација на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, пак, присуствуваа четворица претседатели од регионот, а на втората негова не дојде никој од нив.

По решавањето на спорот за името со Грција во земјава допатуваа многу високи личности меѓу кои последен е папата Франциск, што од аналитичарите се толкува и како признавање за надворешниот напредок на државата.

Видете и ова: Медиуми - Папата, Пендаровски и СЈО

Но, истовремено на внатрешен план, власта трпи сериозни критики. Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, за да се подобри работата неопходни се кадровски промени, но како што нагласува на сите нивоа. Тој смета дека во процесот на реформи не треба да бидат вклучени само неколку министри и премиерот Зоран Заев, туку како што вели сите, вклучително и пониските ешалони во системот.

“Оваа добра меѓународна позиција треба да ја одржуваат, не треба да се изгуби моментот, а финалната посета беше на папата Франциск, што ја стави државава на светската мапа. Сега е време кога треба да се забрзаат реформските процеси и промените во администрацијата”, вели Муслиу.

Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки сугерира две области во кои е итно да се направат брзи решенија за да се постигнат и резултати поскоро.

Видете и ова: Парите за капитални инвестиции си стојат во владиното чекмеџе

“Прва е владеењето на правото, втора е економската политика на земјата. Во овие две области ќе мора да се покажат значителни резултати за граѓаните да почуствуваат дека имаат подобар квалитет на живот. Подобрувањето на стандардот може да имаат само со функционирање на правната држава и добри економски и финансиски политики ” вели Гаџовски.

Што се однесува до економскиот сектор една од клучните критики е континуирано слабата реализација на капиталните инвестиции, а економистите сметаат дека тоа се должи на планирањето и на лошата техничка реализација.

Инаку, за околу две недели, владата предводена од Заев ќе наполни две години. Тој на функцијата стапи на први јуни 2017 година, а истиот месец идната 2018 година, беше потпишан Договорот од Преспа, кој го овозможи членството на Северна Македонија во НАТО и го забрза процесот на европско интегрирање. Но, поради немотивираноста на гласачите да излезат во првиот круг од претседателските избори, Заев ја најави операцијата “метла” од која сега се очекува да се заменат фукнционерите кои не ја извршуваат работата добро.