По шест години стопанисување со паркинзите во Битола од приватен концесионер, донесена е одлука за формирање на Јавно претпријатие за паркинзи и организирање јавен превоз во Битола, кое во иднина ќе управува и со зонското паркирање. Одлука за формирање на новото јавно претпријатие беше донесено на последната седница на Совет. Тоа ќе го преземе управувањето со зонското паркирање, откако на сегашниот концесионер договорот ќе му заврши во јуни 2019 година.
Иако, во изминатите години често се критикуваше состојбата со паркинзите во градот, сепак за одлуката гласаше само советничкото мнозинство предводено од СДСМ.
„Најдобро е што средствата ќе се влеваат во општинската каса, а не во приватни џебови како досега. Лицемерно и неодговорно е однесувањето на советниците од опозицијата кои не се охрабрија да ја поддржат одлуката за формирање на јавно претпријатие, со што јасно се ставија во заштита на бизнис интересите што во минатото ги правеше ВМРО-ДПМНЕ. Битолчани треба да знаат дека помина времето на лични интереси, лоби групи и поединци блиски до власта, а ЈП ќе донесе поевтин паркинг и подобар јавен превоз“, рече советникот Методија Илиевски од СДСМ.
Видете и ова: Општина Битола ќе стопанисува со градските паркинзиОд ВМРО ДПМНЕ потврдија дека ја напуштија седница на која се гласаше, но, велат дека причината е тоа што мнозинството ја злоупотребува конструктивноста на опозицијата.
„На 25 октомври лани во име на ВМРО-ДПМНЕ, од моја страна следеше предлог за изработка на сообраќајна студија „Битола велоград- Битола град на пешаци“, сообраќајна студија која требаше да доведе до унапредување и развој на сообраќајот. Предлогот од мнозинството беше отфрлен. Имаше и тркалезни маси на кои градоначалничката не се појави, а заклучоците не беа усвоени од мнозинството. Локалната власт се обидува да манипулира со гласачите. Ние ќе бидеме конструктивни, но нема да дозволиме да биде злоупотребена конструктивноста“, рече Иванчо Тошевски од ВМРО-ДПМНЕ.
За одлуката не гласаа ни советниците од независната група „Поинаку“, кои прашаа зошто по промената на власта веднаш не се раскинал договорот.
Видете и ова: Нема раскинување на договорот за зонско паркирање во Битола
„Од тогаш има година ипол, доколку тогаш имаше, а тврдам дека имаше докази и документи за да се раскине договорот, сакам да прашам зошто по година ипол, а на еден месец пред истекот на договорот, се носи одлука за формирање на јавно претпријатие. Сакам да прашам што ги спречувало до сега да го раскинат договорот за кој во изминатите години велеа дека се собира арач од граѓаните, дека е на нивна штета и дека се крадат парите на граѓаните“, рече Габриела Илиевска од „Поинаку“.
Зонското паркирање во Битола започна да се спроведува од јуни 2013 година, кога тогашниот градоначалник Владимир Талески потпиша шестгодишен договор за јавно приватно партнерство со фирмата концесионер „Стентон Градба“, која имаше обврска годишно на општина Битола да и плаќа 28 илјади евра за 1951 паркинг место за зонско паркирање. Во изминатиот период дел од граѓаните избегнуваа да плаќаат за паркинг места, па често пати се паркираа по околните улички во центарот на Битола што создаваше дополнителен сообраќаен хаос. Воедно граѓаните реагираа што дел од паркинзите беа обележани на коловозите.