Достапни линкови

Нема раскинување на договорот за зонско паркирање во Битола


Владејачкото мнозинство во Советот на Општина Битола гласаше против иницијативата на опозицискиот СДСМ да се раскине договорот со фирмата која стопанисува со градските паркинзи.

„Стентон градба“ и понатаму останува да стопанисува со градските паркинзи како партнер на општина Битола. Иницијативата што ја покренаа советниците од опозицискиот СДСМ во битолскиот Совет за да се раскине договорот за јавно приватно партнерство меѓу општината и фирмата, не ја доби поддршката од советничкото мнозинство. Опоцизионерите обвинуваа дека не се испочитувани обврските од договорот и дека фирмата во подзакуп дава дел од просторот со кој стопанисува. Но, иницијативата на седница на Совет беше отфрлена.

„Тие имаа период на прилагодување од четири години, а не ги отстранија недостатоците. Тие наплаќаат за стопанисување со паркинзите во целиот град, а условите на зонското паркирање не се на потребното ниво. Имаме многу забелешки, непочитување на техничките прописи, манипулирање на граѓаните, односно носење во заблуда за цената на чинење на паркирањето и друго“, рече Горан Козаров, советник од СДСМ.

Советниците од ВМРО-ДМНЕ со коалиционите партнери гласаа против, велејќи дека забелешките се од технички карактер.

„Не слушнавме ни еден аргумент за прекинување на зонското паркирање во градот, туку аргументи за прекинување на договорот со приватниот партнер. Целта на СДСМ очигледно не е да се прекине зонското паркирање во градот, туку да се замени приватниот партнер со друг според нивната математика“, рече Игор Хаџиевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој смета дека аргументите на СДСМ се неосновани.

„Имавме на крај некои заеднички забелешки кои ги констатиравме. Некои технички недостатоци, сега ги немам во мене да ги посочам, но и дадовме задолжение на Комисијата надлежна за спроведување на договорот веднаш да постапи на терен и техничките недостатоци да бидат веднаш отстранети“, рече тој.

Новинарите го запрашаа дали и дупките на паркинзите се технички недостатоци.

„Да се, и мислам дека и дупките на паркингот кај Спортската сала не е во ред да останат и треба веднаш да бидат санирани“, одговори тој.

Договорот за јавно-приватно партнерство беше потпишан пред три и пол години. Со воведувањето на зонското паркирање, најголемиот дел од паркинзите во градот станаа наплатни. Паркирањето во првата зона чини по 30 денари за два часа и уште по толку пари секој нареден час. Месечна паркинг карта може да се извади по цена од 3000 денари за физичко лице и 6000 денари за правно лице. Има и ВИП карти по цена од 5000, односно 8000 денари. Воведувањето на зонското паркирање имаше за цел да го реши хаосот со паркирањето на возилата во Битола, посебно на места кои не се дозволени за тоа. По три години дел од хаосот се реши, но се појавија и други проблеми. Битолчани, па и гости од други места, избегнувајќи да плаќаат за паркинг, возилата ги паркираат по тесните улични во централното градско јадро каде нема зонско парирање. Со тоа придонесуваат формирање на тесни грла кои го забавуваат текот на сообраќајот во центарот на градот.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG