Достапни линкови

Зонското паркирање во Битола под прашалник


Од СДСМ бараат раскинување на договорот за зонско паркирање во Битола и сметаат дека фирмата не го средила сообраќајниот хаос во градот. Иницијативата е поставена како точка на дневен ред во општинскиот Совет и се очекува жестока расправа.

Раскинување на договорот за јавно приватно партнерство меѓу општината Битола и претпријатието „Стентон градба“ за зонското паркирање, бараат советниците од опозициската СДСМ во Битола. Советникот Горан Козаров смета дека има непочитувања на обврските од договорот и дека фирмата не успеала да го среди сообраќајниот хаос во градот.

„Од страна на приватниот партнер „Градски паркинзи“ во изминатиот период од три ипол години, колку што стопанисува со паркинзите, имаме сериозни индиции дека се направени повеќе прекршувања на договорот, техничката документација и правилникот за работа. „Градски паркинзи“ имаа доволно време да ги исполнат сите услови предвидени со договорот. Бидејќи тоа се уште не е направено сметаме дека е најповолен момент да им се одземе концесијата за јавно-приватно партнерство“, вели Козаров, советник од СДСМ.

При потпишувањето на договорот Општината се обврза дека ќе обезбеди 2.000 паркинг места во градот, а „Стентон градба“ дека ќе и плаќа сума од 1,7 милиони денари годишно. Опозиционерите обвинуваат дека досега не добиле ни едно известување за финансиската заработка на „Градски паркинзи“ и колку средства и се исплаќаат на општината.

„Ние укажавме на некои технички недостатоци, и тоа, паркингот пред спортската сала, билетите, СМС пораките што ги праќаат граѓаните сметаме дека има пропусти од некоја страна, како што на некој му одговара. Комисијата мора да дава извештај за работењето на оваа фирма зашто е јавно- приватно партнерство, но ние до денес немаме добиено“, рече Козаров.

Иницијативата е поставена како точка на дневен ред во општинскиот Совет и се очекува жестока расправа.

Советниците од владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ова се технички забелешки, кои не заслужуваат дискусија на Совет.

„Сметаме дека нивното барање Советот да дискутира за прашања од техничка природа како сомнежи за фалсификувани лепенки, смс пораки, местоположба на наплатни бараки, како и секојдневни проблеми, сакаат неосновано да го прикажат како причина за раскинување на договорот. Им порачуваме наместо да го трошат времето на Советот кој има поважни работи за решавање можат како граѓани да упатат претставка до Комисијата за спроведување на договорот, која, меѓу другото, до сега не добила ни една формална реакција“, вели Игор Хаџиевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Договорот за јавно- приватно партнерство беше потпишан пред три години. На потпишувањето присуствуваа градоначалникот Владимир Талески, секретарот на Општината Слободан Бончановски и Благој Крстевски, управител и сопственик на „Стентон градба“. Оваа компанија во последните години има добиено повеќе тендери за инфраструктурни проекти во пелагониските општини, а ја има добиено и дозволата за експлоатација на гранит од новиот рудник кој се гради над Битола.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG