Неколку пораки за веќе подобрени услови за работа на медиумите и ветувања дека периодов ќе се направи повеќе упатија денеска владините претставници по повод 3 мај- светскиот ден на слободата на медиумите.
Министерот за транспаретност и отчетност Роберт Поповски рече дека му било задоволство што според сите извештаи овој ден во Република Северна Македонија се одбележувал “во атмосфера на ослободени медиуми, oд политичкo, економско и од какво било друго влијание”.
“Меѓутоа она што е клучно е дека ние како претставници на владата мораме и денеска ве уверуваме, оваа влада никогаш нема да се меша во работата на медиумите”, рече Поповски.
Министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски, пак, се пофали со носењето за Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги, а како следни за реформи ги спомена Советот на Агенцијата за медиуми и Советот на националниот радиодифузер.
“Во делот на отвореноста, оваа влада го востанови порталот за отворени податоци преку кој што и новинарите и сите граѓани имаат можност многу подетално и многу поаналитички да ја следат работата на владата”, рече Манчевски.
Вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Бујар Османи наведе дека и подобрувањето на состојбата со медиумите му користело како аргумент во разговорите со европските партнери. Најголем дел од своето обраќање тој посвети на изборите в недела повторно повикувајќи ги граѓаните да излезат и да гласаат.
Инаку состојбата со медиумите во земјава драстично се влоши последнава деценија. Според последниот извештај на Репортери без граници објавен минатиот месец Северна Македонија се подобрила на ранг листата на оваа меѓународна организација за 14 места. Сега се наоѓа на 95 место од вкупно 180 земји, но пред неа остануваат Словенија, Грција, Хрватска, Србија, БиХ, Косово, Албанија и Романија, а зад неа е само Бугарија. За споредба, земјава до 2007 година беше на 36 место.
Кога ги бележеше најлошите оценки од светските организации на земјава и се забележуваше дека се злоупотребува законодавството за клевета, се вршат политички мотивирани распределби на државните рекламирања, а една од најголемите критики следуваше по апсењето на новинарот Томислав Кежаровски.
Министрите сега, пак, се пофалија дека сите напади врз новинари кои се случиле од 1 јуни 2017 година досега, се расчистени. Минатиот месец, пак, во Арачиново новинар и снимател на телевизијата 21 беа нападнати, од како што тврдеа, блиски роднини на градоначалничката на Арачиново, Миликије Халими од СДСМ, случај кој се уште не е расчистен. Манчевски одговарајќи на новинарско прашање побара време да се расчистел и нагласи дека бил само пред две седмици.
Четирите организации поврзани со работата на медиумите Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) денеска во соопштение констатираа, пак, дека во првата половина од годинава бележат повеќе инциденти во кои што се повредени правата на новинарите, снимателите и останатите медиумски работници.
“Го повикуваме Основното јавно обвинителство и судовите да ги обработат и доведат до завршница случаите на повреда на правата на новинарите, како и случаите на говор на омраза, со цел да се надмине долгогодишната пракса на неказнивост, спречувајќи ја на тој начин неправдата кон новинарската и медиумската заедница”, наведоа од четирите организации.
ЗНМ и минатиот месец констатираше дека има благо зголемување на случаи кои зборуваат дека новинари се мета на говор на омраза. Од организацијата ги потсетија Владата и институциите дека треба да гарантираат безбедна средина за работа на новинарите, нагласувајќи дека тоа може да се постигне единствено со прекинување на неказнивоста на оние кои напаѓаат новинари.
Од аспект на работните односи на медиумските работници од Синдикатот нагласуваат дека новинарите се уште во голема мера работат за хонорари, без регулиран статус, без пензиско осигурување и без извесна иднина.