Македонија бележи скок од 14 места на ранг-листата на организацијата „Репортери без граници“ за слободата на печатот и годинава се наоѓа на 95-тото место. За домашната јавност тоа е добра вест, но упатените предупредуваат дека ситуацијата не е розева и оти предизвиците во медиумската сфера остануваат.
„Не е лошо, но остануваат се уште предизвици. Она што го наведуваат претпоставувам дека се должи на донесените закони во медиумската сфера со коишто се отвара простор за натамошни реформи во медиумскиот сектор, но и ние сметаме дека допрва претстојат вистинските работи за да се дојде до вистинско унапредување не само на слободата на медиумите, туку целосно на медиумскиот сектор“, вели претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски.
Главна забелешка на извештајот е состојбата во јавниот сервис, МРТВ, каде што Владата сѐ уште не спровела реформи и поради што како што се наведува програмата на јавниот сервис продолжува да ги служи интересите на поранешната владејачка конзервативна партија, ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние сметаме дека во јавниот сервис можеби стои клучот на реформите во наредниот период коишто можат да доведат до подобрување на целиот медиумски пазар. Се изгуби доста време, речиси две години во јавниот сервис не се промени речиси ништо и тука не зборуваме само за персонални, туку и системски промени. Со посилна волја се можеше да оди побрзо, но сведоци сме дека земјава влегуваше од еден во друг изборен процес. Сега по изборите, нема да има простор за никакви изговори и и во АВМУ и јавниот сектор ќе треба да дојдат професионалци со што ќе се создадат услови за промени во медиумската сфера“, вели претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.
Директорката на Македонскиот институт за медиуми Билјана Петковска, вели дека ваквите поместувања се важни за интегритетот на медиумската заедница, но укажува на некои недоследности и фактографски пропусти кои стојат во извештајот.
„На пример, се укажува на недонесување на закон за МРТ. Таков закон не постои во нашето законодавство и претпоставувам дека е мисли на измените на законот за АВМУ кои што факт е дека веќе се донесени и постапувајќи по овој закон беше распишан конкурс за избор на раководни лица на Советот на МРТВ и АВМУ, но застојот е поради изборната кампања за претседателските избори“, вели директорката на МИМ, Билјана Петковска.
Но, ова според Петковска не треба да не залажува дека состојбите во медиумската сфера се розеви. Во однос на безбедноста на новинарите, таа вели декаиако значително е подобрена ефикасноста на институциите при постапување во случаи на напади на новинари, се уште постојат сериозни проблеми во начинот на кој се комуницира со новинарите и медиумите.
„Репортери без граници“ предупредуваат дека културата на неказнивост продолжува да владее во земјата, иако не се регистрирани напади врз новинарите во текот на минатата година во Македонија и безбедноста на новинарите бележи значителен напредок. Само два од 59 регистрирани напади врз новинари во последните години биле предмет на истрага и добиле завршница.
Во делот на законските регулативи, организацијата за заштита на новинарите забележува дека се потребни измени во делот за клевета и пристапот до државни информации. Петковска укажува дека на земјава и недостига значително подобрување во стратешкиот пристап кој ќе овозможи развој и напредок во медиумската сфера.
„Се надевам дека по изборите и изборот на новите членови на Агенцијата за медиуми ќе се пристапи кон донесување стратегија за развој, не само на радиодифузната дејност, туку и во медиумската сфера во целина“, вели Петковска.
Инаку овој е најдобриот резултат за слободата на медиумите во Македонија во последните пет години. Во регионот најдобро е рангирана Словенија , на 34-то место, БиХ е 63-та, Хрватска 64-та, Грција 65-та, Косово 75-то, Албанија 82-а, Србија 90-та (со пад од 14 места) Црна Гора 104-та и Бугарија 111-та.