Достапни линкови

Говорот на омраза може да ја намали излезноста на изборите


Претседателски избори во Северна Македонија 2019 -
Претседателски избори во Северна Македонија 2019 -

Говорот на омраза на социјалните мрежи е зголемен во кампањата за предвремените парламентарни избори. Реториката може да се заострува кон крајот на кампањата. Сепак, тоа не би им одело во корист на кандидатите, зашто со оцрнување на противникот не се добиваат нови гласови, туку може да се намали излезноста, која и без тоа е проблематична, велат аналитичарите.

Тројцата кандидати, универзитетски професори ѝ дадоа поразличен белег на претседателската кампања во која доминира академскиот речник кој јавноста, која досега беше навикната на оцрнувачка кампања, го прифати главно со позитивни реакции. Но, експертите велат дека навиките на исмејување, девалвирање, етикетирања продолжија од партиските ешалони кои се најгласни во извршувањето на својата партиска задача на социјалните мрежи.

Од Хелсиншкиот комитет, кои се вклучени во набљудувачкиот процес, забележуваат дека како и секогаш кога има изборен процес кај нас има и зголемување на бројот на случаи на говор на омраза врз основа на политичка припадност. Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет Уранија Пировска вели дека тие нотирале за 40 проценти зголемување на бројот на говор на омраза откако во јавноста беа објавени претседателските кандидати.

„Од страна на лидерите на политичките партии не забележавме говор на омраза, но од партиското членство во голем дел. И главно се насочени или кон етничката припадност или кон политичката припадност. Во случајот со Сиљановска кон нејзиниот род. Тоа се главни карактеристики со феноменот на омраза во оваа кампања. Добро е што од високите функционери од најголемите партии не беше забележан таков говор на омраза. Но, најголем проблем не е во првите ешалони на партиите, туку во вториот и третиот и во подолните ешалони во политичките партии на кои им е потребно и тоа како освестување или култура кога станува збор за комуникацијата и особено во социјалните медиуми кои станаа главен расејувач на говорот на омраза“, вели Пировска.

Во јавноста често се посочува дека социјалните мрежи се главни расејувачи на говор на омраза, но Пировска укажува дека голема улога има културата на политичките партии и дека граѓаните го прифаќаат нивниот модел на комуникација и на тој начин им се додворуваат на политичарите. Експертите сметаат дека дел од граѓаните сметаат дека со навреди кон политичките неистомисленици ја завршуваат својата партиска задача.

А дека македонското општество како да не сака да воспостави етика во комуникацијата зборува отсуството на соодветен одговор од институциите за решавање на проблемот.

„Индикативно е дека сè уште од страна на државата не постои соодветен одговор за решавање на овој проблем. Години наназад бараме Јавното обвинителство да започне бескомпромисна борба кога станува збор за говор на омраза, зашто како расте говорот расте и бројот на кривични дела. Кога ги испраќаме нашите претставки, одговорот од МВР е дека ги препраќаат до Јавното обвинителство, но не се знае исходот од тие постапки“, вели Пировска.

И покрај тоа што упатените претседателската кампања во првиот круг генерално ја оценија како подемократска, имаше и исклучоци и недолични префрлања. Кандидатот Стево Пендаровски за еден рекламен спот на опозицијата рече дека е на многу ниско ниво. За кандидатката Гордана Сиљановска - Давкова карактеристични беа алузиите за нејзината возраст, стил на живеење и практицирање на јога и гафовите со имињата на градовите во кои таа ја држеше кампањата.

Марко Трошановски од Институтот за демократија вели дека на почетокот од претседателската кампања имало мали отскокнувања со недолични префрлања и коментари за лични карактеристики или семејните односи на кандидатите, но оти под притисок на јавноста тоа било поправено од изборните штабови и реториката се стабилизира во понатамошниот тек. Тој забележува дека со заострувањето на кампањата јавноста можеше да види и спотови кои имаат тенденција да го оцрнат кандидатот, но дополнува дека сепак тоа е повеќе на ниво на критика, отколку на ниво на недоличен говор.

„Кандидатите генерално не беа склони кон говор на омраза. Имаше негативна кампања, но таа е дел од пропагандните техники и не беше нешто проблематично. Шовинистичките забелешки кон кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ на почетокот беа неумесни и за членови на нејзиното семејство, но говорот на омраза не беше присутен ни кај еден од кандидатите. Спотот за Пендаровски не влегува во доменот на казнива комуникација и е прашање на личен стил на комуникаторот, зборувам за законски дозволени и во тој однос кампањата беше коректна“, вели Трошановски.

Поразени победници
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:41 0:00

А во земјава во која претходните изборни циклуси беа одбележани со говор на омраза, граѓаните како што изгледа се задоволни што може да кажат дека оваа кампања можеби досега беше најкоректна.

„Добра е кампањата, мирна е, културна е. Не е многу од аспект на некои видувања што ги слушаме како коментари дека не била како други избори, дека не е напната. Мирно е. Кандидатите се културни, академски луѓе се, професори и очекувам дека до крај ќе се задржи тој курс и оти така ќе заврши.“

„Не ја следам многу, досега сметам дека е во ред, немам некои забелешки“, коментираат дел до граѓаните.

А за разлика од претходните парламентарни изборите во 2016 година кои беа одбележани со афери за прислушувања и обвинувања за криминални измами, се добива впечаток дека граѓаните овојпат имаат можност да бираат кандидат врз основа на нивното мислење за нив и тоа, според Трошановски, се гледа и по социјалните мрежи каде овојпат не можеа да се најдат гласини за кандидатите со обвинувања за нивниот политички багаж.

„Социјалните мрежи се буниште за политичка комуникација каде секој може да каже нешто и да дисквалификува и оквалификува без зад него да стои уредник или формално уредена редакција и слично. Тука изобилуваше со напади, но споредено со парламентарните избори во 2016, нападите на социјалните мрежи беа помалку застапени. Тоа се должи што и двата кандидати тешко може да ги поврзете барем по нивниот личен интегритет со одредена партија и тоа што тие го имаат зад себе како политички багаж не ги мотивира да коментираат луѓето недолични содржини за нив“, вели Трошановски.

Што би промениле ако сте претседател?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:16 0:00

Дали е паметно да се заострува кампањата во вториот круг?

Речиси изедначените изборни резултати на двајцата кандидати во првиот круг во јавноста го наметна прашањето за тоа колку би било корисно да се заострува кампањата до 5 мај за кога е закажан вториот круг.

Дел од аналитичарите велат дека многу е веројатно да има и црна кампања на кандидатите пред вториот круг од претседателските избори. Малата разлика во гласовите кои ги добија двата противкандидати остава простор партиите да ги искористат сите средства во борбата за глас повеќе на своја сметка, велат тие. Професор Митко Гаџовски од Факултетот за општествени науки очекува дека политичките партии ќе ја искористат секоја можност за да му наштетат на противкандидатот.

„Имајќи го предвид резултатот од првиот изборен круг, јас очекувам во наредниот период да има борба буквално за секој глас. Очекувано е политичките партии да се свртат кон секаков вид кампања и ќе ги искористат сите средства кои им се на располагање за да стигнат до глас повеќе, така што не ја исклучувам можноста од користење на црна кампања за противкандидатот, и ќе се користи секоја можност да му се наштети на противкандидатот“, вели професор Митко Гаџовски.

Но, Трошановки нагласува дека не би било полезно изборните штабови да заземат таква стратегија.

„Таа стратегија секогаш можеби ги демотивира поддржувачите да излезат, но не ви носи вам нови гласови, говорот на омраза, негативната кампања и сл. Ако прибегнуваат што повеќе кон неа, само си прават штета на сопствените цели за привлекување што повеќе нови гласови“, вели Трошановски.

Гаџовски вели дека црната кампања за противкандидатот влијае врз добивањето глас повеќе на своја сметка. Но и тој се надева дека противкандидатите ќе го задржат достоинствениот и цивилизиран начин на водење кампања, иако е факт дека истите не можат да го контролираат однесувањето на политичките партии кои застанаа зад нивната кандидатура.

„Тие пораки очекувам да ги испраќаат лидерите на политичките партии, а од самите кандидати очекувам да продолжат со стилот кој го покажаа во првиот изборен круг“, вели Гаџовски.

Тој вели дека од тројцата кандидати Блерим Река поради фокусот на кампањата на партиите кои застана зад него ја пропуштија шансата да придобијат повеќе гласови.

„Најголема дискрепанца наоѓам кај кандидатот на Беса и Алијансата. Имавме еден прилично солиден кандидат, со прилично солиден граѓански профил и неетнички профил, кандидатот Река и во своите настапи се обидуваше да апелира кај надетнички целни групи, но неговите поддржувачи особено често апелираа кон етнички чувства и интереси и најмногу загубија и партиите и кандидатот зашто ќе можеа, а не успеаја, да ги придобијат и незадоволните македонски гласови“, вели Трошановски.

И покрај тоа што упатените претседателската кампања во првиот круг генерално ја оценија како подемократска, од Хелсиншкиот комитет велат дека во периодот од 1 февруари до 4 април се поднесени 133 претставки до Хелсиншкиот комитет за човекови права од кои 49 или 36 проценти се однесуваат на говор на омраза поради политичка припадност. Потоа 38 се однесуваат на говор на омраза поради пол и род. Говорот на омраза поради етничка или политичка припадност е во континуитет висок во април што се потврдува и со 3-4 пријави во просек дневно и се однесуваат на јавен дискурс на социјалните медиуми, а биле директно поврзани со политичката кампања. Од Хелсиншкиот комитет додаваат дека за време на кампањата во првиот круг, освен на самиот крај не е забележано оградување на политичките кандидати во случаите кога се употребувал говорот на омраза. Од тука тие повикуваат надлежните институции, особено Јавното обвинителство да реагира за време на вториот круг од изборите.

Ни Европа не е имуна на говорот на омраза во политичките кампањи

Кон крајот на мај ќе се одржат избори за Европскиот парламент. Тие, како што велат посматрачите, се многу важни за идните текови во Европа со оглед на подемот на популистичките, крајно десничарски и националистички партии. Како една од мамките за привлекување на гласачите некои од нив го користат говорот на омраза што го шират главно преку социјалните медиуми. Амнести интернешнал реши да ги следи.

Гоце Атанасов

Организацијата за човекови права „Амнести интернешнал“ започна проект за следење на говорот на омраза што го користат граѓаните и политичарите на социјалните медиуми во периодот пред изборите во Европската унија што треба да се одржат кон крајот на мај. Формирана е работна група од околу 100 активисти кои ги следат дискусиите преку интернет и алгоритмите за проверка на јавните Фејсбук постови и твитови на политичарите кои се кандидираат за Европскиот парламент.

Директорот на „Амнести интернешнал – Италија“ Џани Руфини, деновиве на прес-конференција во Рим, изјави дека дискриминацијата во социјалните медиуми „постојано се зголемува“ во последниве месеци. Притоа тој рече дека станува збор за систематско користење на изрази на омраза, навреда, на силно дискриминаторски декларации, како и на тоа дека некои групи, како мигрантите и Ромите, се користат како жртвено јагне за тешкотиите во едно општество.

„Размислувам за дискриминацијата која постојано се зголемува во текот на месеците, а денес наоѓаме говор на омраза применет за жените, ЛГБТ лицата, лицата со посебни потреби, за сиромашните, само затоа што тие се тоа“, вели тој.

Руфини и со констатација дека за прв пат во Италија и во Европа, но исто така и во САД и во многу други земји, било забележано уназадување на човековите права.

„По 70 години напредок, понекогаш премногу бавен, понекогаш некохерентен или хармоничен, сепак континуирано, човековите права сега се лизгаат наназад“, вели тој.

Шефот на оперативната група на Амнести, Марија Роса Сора изјави дека тимот е „активен секојдневно“.

„Ги следиме веб-сајтовите на главните дневни весници за да го потврдиме присуството на статии кои се однесуваат на кревките групи за кои сме загрижени, од кои нивните права се доведуваат во прашање и често се цел на омраза“, вели таа.

Мартина Чичи, од Амнести интернешнал вели дека следењето се одвива врз случаен примерок и врз одреден број на кориснички коментари.

„Сите содржини на сметките на кандидатите кои ги следиме ќе бидат собрани. Во случајот со Фејсбук станува збор за јавни страници, а не за лични профили и за нивните сметки од Твитер. Што се однесува до општите корисници, алгоритмот ќе се базира врз случаен систем“, вели таа.

Амнести интернешнал ќе ги објави податоците пред изборите во мај, но во обид да бидат непартиски, ќе ги објават имињата на политичарите кои користеле говор на омраза, по изборите.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG