Достапни линкови

ЕУ во опасност од партии финансирани од странство


ЕУ страхува од партии финансирани од странски сили
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:16 0:00

ЕУ страхува од партии финансирани од странски сили

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск ги повика гласачите од целиот континент да ги отфрлат антиевропските партии. Тој прецизира дека тие биле формирани од непријателски странски сили.

Поранешниот полски премиер, централнодесничарот Доналд Туск кој претседава на состаноците на лидерите на земјите членки на Европската унија даде едно од најтешките предупредувања околу можноста отворено антиевропски партии да се обидат да ги искористат претстојните парламентарни избори во Европската унија за преземање на влијанието во Брисел.

„Постојат надворешни антиевропски сили кои сакаат отворено или тајно да влијаат врз демократските избори на Европејците, како што беше случајот со Брегзитот и со голем број изборни кампањи низ цела Европа. И тоа повторно може да биде случај со европските избори во мај“.

Туск притоа побара поголема и подобра соработка на сите надлежни за време и по европските избори.

„Не дозволувајте политичките партии, кои се финансирани од надворешни сили, непријателски кон Европа, да решаваат за клучните приоритети на ЕУ и на новото раководство на европските институции. Не можеме да чекаме на ренесансата на Европа, мора ренесансата на Европа да почне сега“.

Политичките партии кои се сметаат за непријателски спрема Европската унија забележуваат подем низ целата Унија, особено по миграциската криза во 2015 и 2016 година, кога во Европа пристигнаа стотици илјади баратели на азил.

Националистите сега владеат во Полска и во Унгарија, додека ја делат власта во коалиции во Италија и Австрија.

Анкетите предвидуваат дека бројот на партиите со такви ставови ќе се зголеми пред изборите во мај, кога граѓаните на Унијата ќе избираат пратеници во Европскиот парламент.

Туск ги пофали некои од понудените реформи предложени од францускиот претседател Емануел Макрон, кој бара поголема европска соработка во она што тој го нарекува „Преродба на Европа“.

Предлозите на Макрон вклучуваат нова европска агенција која би била задолжена за заштита на демократијата и за заштита на Унијата од сајбер-напади и пропаганда.

Другите предлози вклучуваат агенции на Унијата за границите, безбедноста, азилот, како и безбедноста на храната.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG