Учеството на разни обуки за бизнис и претприемништво била основата Мируше Шабани од Тетово да утврди дека самата може да води сопствена фирма. Таа посетувала неколку едукативни обуки каде работела на сопствен бизнис план што потоа го реализирала. Отворила фирма за сметководство која ги следи светските трендови во оваа област.
Видете и ова: Недостигаат и луѓе и технологии за поголем извоз„Има повеќе од 10 години што сум работела во фирма како сметководител. И после одлучив, веќе не можев, многу долго ми беше работното време и одлучив сама да отворам. Има една година што го започнав бизнисот сама, водам сметководство. На овие семинари многу ми помогна тоа дека на секој бизнис му треба иновација, нешто ново да се наведе. По други околности се запознав со други луѓе и го наведов аутсорсингот како нешто ново. Тоа е водење на дел од сметководство на странски компании, тоа е електронски начин на водење на сметководство“, вели Мируше Шабани.
Проект за развој на женско претприемништво во моментов води Центарот за управување со промени од Скопје. Учесничките се согласни дека ваквите едукации многу им помагаат на жените да направат промени доколку сакаат да започнат свој бизнис или да ја унапредат работата на веќе постојната фирма.
„Имам бизнис за производство на природни козметички производи, поточно се работи за сапун од козјо млеко и мед. Веќе работиме три години. Овие обуки ми помогнаа во врска со менаџирање на бизнисот, со лансирање на производите на пазарот, најмногу. Во редизајнот исто така“, изјави Ангела Петрушевска.
Гордана Стефковска Вељановска, раководител на проектот, потенцира дека голем придонес има и за општеството. Учесничките се едуцираат за легислативата и другите можности.
„Имаме особено важен дел што се однесува на правни совети кои конкретно се однесуваат на даноците кои треба да ги плаќаат, за царините, понатаму инспекции, контроли коишто би можеле. Значи да ги зајакнеме жените во она правно-административното работење кое што ќе им значи многу во дел и на поткревање самодоверба и на сигурноста дека тоа што го работат е легитимно и дека е во склад со сите прописи во државата. Многу е битно да се испрофилираат, да се легитимни субјекти да можат понатаму да напредуваат и да се развиваат. Никој којшто не работи регистрирано, не може понатаму да земе ниту кредит, ниту да се развива како било“, вели Гордана Стефковска Велјановска.
Една од карактеристиките на овој проект е поврзување со колешки од други земји, конкретно од Албанија, со кои се разменуваат искуства околу женското претприемништво.