„Мајка Медеја“ или како болката станува љубов

„Мајка Медеја“ е насловена изложбата на белгиската уметница Северин Бургерс, што од 6 до 21 април, во рамките на Фестивалот за современа музика „Модоарс 2019“, ќе се одржи во галеријата „Ко-Ра“ во Скопје. Поставката се фокусира на позицијата на жената во модерното општество.

Дел од творештвото на Северине Бургерс е настанато како последователен чин на еден сложен процес на разнородна интерпретација и перцепција на темата „ Медеја“ која датира длабоко низ историјата. Со изборот на темата таа иницира сложена перцепција и интерпретација на една провокативна проблематика која обединува сложен интердисциплинарен приод од аспект на етиката, психологијата, поетиката на трагедијата, философски, историски и бројни други дискурси.

Ова ќе го запише Виолета Калиќ во својата рецензија за „Мајка Медеја“, изложбата на Северин Бургерс од Белгија, што од 6 до 21 април, во рамките на Фестивалот за современа музика „Модоарс 2019“, ќе се одржи во галеријата „Ко-Ра“ во Скопје.

Родена во Брисел, Северин Бургерс како сликарка работи првенствено со масла, но во поново време се свртува и кон резба и керамички скулптури. За нејзините дела, „таа употребува суптилна палета на бои и под влијание на реализмот и експресионизмот комбинира повеќе стилови“.

Во 2009 година Бургерс ги напушта родниот град и нејзината работа како архитект за животна средина, за да ја истражува својата пасија за сликање на далечните Соломонски острови. Зад себе има неколку самостојни изложби главно во татковината и во Бангладеш, а поголемиот дел од нејзините уметнички дела ( главно портретите) се привилегија на приватни колекции не само во овие две земји, туку и во Германија, Холандија и во Велика Британија.

Во изминативе две години со семејството живее во Скопје и ова е нејзиното прво македонско уметничко претставување на кое изложува 15 слики масло на платно (белгиски лен) и четири скулптури од глазирана керамика.

За концептот на своето актуелно творештво Северин вели дека е создаден врз драмата „Медеја“ од грчкиот трагичар Еврипид и ужасниот и шокантен чин на мајката која ги убива своите деца за да му се одмазди на сопругот прељубник. Дека таа во нив тргнува од внатрешната борба на Медеја помеѓу тоа да биде жена, грижлива мајка, сакана сопруга или почитувана и авторитетна волшебничка. Всушност изложбата, како што истакнува, се фокусира на жената во модерното општеството пред која се исправени бројни предизвици и каде таа секојдневно превзема и исполнува различни задачи и улоги.

„Целта на овој мој циклус е преку сите тие ужасни слики полни со агонија да постави некои прашања врзани за местото на жената во современото живеење. Да го покаже патот како од тешките моменти болката се трансформира во љубов. Тоа е всушност и идејата на целата моја работа. На еден провокативен начин јас говорам за различни чувства, но последното од нив е сепак позитивно чувство“, вели Бургерс.

Таа и со дополна дека се чувствува благодарна што и се укажала можност на еден ваков начин да ја претстави својата уметност во земјава. Истакнува дека со семејството ќе останат уште некоја година во Македонија и дека веќе почнала да слика инспирирана од природните убавини и луѓето кои живеат на ова тло.

„Околината и луѓето отсекогаш ми биле инспирација. Веќе имам направено неколку слики за кои инспирација ми беше преубавиот пејсаж на езерото и кањонот Матка. Ќе ви го кажам и ова душата на луѓето овде во Македонија е микс од меланхолија и од среќа и сето тоа мене силно ме возбудува. Се надевам дека таа возбуда еден ден ќе може да се види во моите идни слики или скулптури“, искрено признава Северин.

На отворањето на „Мајка Медеја“, оваа сабота во 20 часот, е предвидено со свој избор на дела да настапи пијанистката Ема Попивода, а изложбата е поддржана од галерија КО-РА, Министерството за култура на Република Македонија, град Скопје и општина Центар.