Достапни линкови

Изложбата „Тема за разговор“ како заедничка провокација


„Тема на разговор“ е насловена заедничката изложба на бугарската графичарка Николина Џановска и на македонската вајарка Гордана Хаџи Николова што од 12 март ќе се одвива во Плевен, соседна Бугарија. Taa треба да покаже дека креативниот импулс нема ограничувања во време, простор и вид на уметност,

По „Трансформации“ и „Без граници“, проекти зад кои застанаа министерствата за култура на обете држави, бугарската уметница Николина Џановска и нашата Гордана Хаџи Николова Малашев еве ги повторно заедно. Овојпат по иницијатива на уметничката галерија „Доријан“ од Плевен, и со изложба на графики и на фигури од керамика насловена „Тема за разговор“.

Говорејќи за новата творечка средба и за поставката, која патем во тамошните медиуми ќе биде бележана како „провокативна“, Џановска знае да каже дека нивната „Тема на разговор“ датира од 2001 година кога и двете уметници биле на почетокот на сопствените креативни патишта.

Се сретнале на колонија во Прилеп, во Македонија, градот и државата кои беа арена на бурни политички настани со кои беше обележана најновата историја на државата. Нејзе тоа и било „најтешкото преминување на границите дури и во буквална смисла тогаш“, за да потем стане повод за раскажување и прераскажување на многу приказни кои како минувале годините станале дел од фолклорот и предизвикуваат и денес насмевки и смеа“.

„Тема на разговор“ е заедничка провокација кон сите луѓе - биле тие уметници или не. Понекогаш се поставуваме сами, а нивното надминување бара повеќе напор. Да се декларираш себе со тоа што го правиш, да го најдеш своето место меѓу останатиот свет, да не живееш како на осамен остров, одделен од целото - овие внатрешни бариери се исто толку важни за надминување како и физичките. Изложбата треба да покаже дека креативниот импулс нема ограничувања во време, простор и вид уметност, а најважно е секој да го најде својот израз и својата публика“, вели Николина Џановска.

Гевгеличанката Гордана Хаџи Николова Малашев знае да каже дека иако не тргнуваат од иста појдовна точка нивните творештва се допираат. На моменти се совпаѓаат, па дури и покажуваат одреден заеднички континуитет. Таа истакнува дека наместо со скулптури во дрво овојпат се претставува со дела работени од глина. Со керамика. Со форма која е поразлична и има една друга експресија. Форма која, како што вели, „нема потреба да биде идеализирана иако црпи инспирација од неолитската женска фигура“.

„Со овој циклус покажувам една друга форма. Создадена е од душа иако кога ќе ја видиш изгледа како да нема душа. Како формата да не е компактна туку расплинета. Јас пишував еден труд за неолитската фигура и всушност од таму дојде идејата за циклусот. Во неолитската уметност го нема моментот на образованост, тие луѓе биле неписмени но во исто време нивните дела покажуваат вистинска склоност кон обликување на формата. Тие на формата и даваат моќ и живот. И сето тоа е направено со еден едноставен и обичен потег. Од таму и потребата да ги работам овие поекспресивни форми и сето тоа да биде во еден друг медиум“, смета Малашев.

Прашана за тоа дали нивната соработка ќе продолжи и во иднина, Гордана истакнува дека обете чувствуваат потреба таа да трае подолго време. Дека се надополнуваат иако не се врзуваат една за друга. Едноставно тие добро сложени „постојат во времето и во просторот“ со интерес за слични работи.

Од таму засега „Тема на разговор“ ќе остане да биде прикажана само во Бугарија, но со идеја дека би можела да патува и по Европа.

Во меѓувреме уметниците секоја посебно ќе си ги продолжат сопствените потраги и ќе ги испишуваат со нови самостојни поставки страниците од нивните биографии. А, кога сме веќе тука за нашата Гордана Хаџи Николова Малашев е извесно оти во октомври или ноември годинава со делата од актуелниот циклус создадени од керамика ќе патува во Љубљана, Република Словенија.

Родена 1974 година во Горна Ораховица, Николина Џановска е доктор на науки со потесна специјалност – бугарска графика. Таа зад себе има 11 самостојни изложби и учества на повеќе од 160 учества на групни поставки во Бугарија и во светот. Нејзините дела ги красат музеите на градови како Каварна, Ботевград, Селвиево, Скопје, Истанбул и може да се најдат во многу приватни колекции по Европа.

Добитничка е на бројни награди и признанија од кои посебно за издвојување се наградата за графика на 9-то Биенале на мали форми со меѓународно учество „Плевен 2018“, првата награда за графика на првата национална изложба „Албена арт 2017“ и други.

Од друга страна, родена 1976 година, Гордана Хаџи Николова Малешев е виш конзерватор во НУ Музеј Гевгелија. Дипломирала на Факултетот за Ликовни уметности во Скопје, на отсекот по вајарство во 2000 во класата на проф. Драган Попоски Дада, под чие менторство и магистрирала три години подоцна.

Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, на Друштвото на ликовни уметници на Гевгелија и на Друштвото на ликовни уметници на Битола. Учествувала на многу меѓународни симпозиуми и ликовни колонии во земјава и странство, а нејзините дела се привилегија на многу домашни и глобални уметнички колекции.

Својата прва самостојна изложба „Моите ликови“ ја одржала во 2001 година во МКЦ во Скопје. Потем освен во родната Гевгелија се претставувала во повеќе градови од земјава, бележити се нејзините постановки во Софија и во Москва, со „Ние - ретро“ во 2012-та имала можност да се најде пред ликовната публика во Париз, Франција, а со„Три позиции“ две години подоцна и во берлинскиот Прима Центар.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG