„Историската посета на Ципрас отвора ново поглавје во односите на двете земји“ – пишува Нова Македонија, но со потсетување дека грчкиот премиер бил пречекан „со црвен килим и многуброен владин кабинет, во недостиг на интонирање на националните химни на двете земји, како и без државни и воени почести што е редовен протокол при посета на високи гости во земјава“. Порталот на истиот весник го пренесува и објаснувањето на владиниот портпарол дека „поради доцнење на авионот на премиерот Алексис Ципрас беа изоставени сите свечени активности при дочекот“.
Видете и ова: Заев и Ципрас очекуваат стабилност и економски раст„Химната останува иста и текстуално и инструментално, ниту некогаш се разговарало да претрпи измени“, ги демантира владиниот порпарол тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нивниот кандидат за претседател. Оваа вест, покрај Нова Македонија, ја објавува и Вечер. Слободен печат консултира еминентни правници и уставни судии, па во насловот изведува поента: „Неинтонирањето на химната е пропуст, но не и кривично дело“. Независен излегува со друга информација: „Не е проблем химната, туку старите ознаки на Армијата, а уредбата за нивното важење трае три години и завршува оваа есен“.
Електронските изданија на печатените медиуми ја пренесуваат изјавата на рускиот амбасадор во ЕУ, Владимир Чижов за руска Известија: „Приемот на Северна Македонија во НАТО може да го дестабилизира Балканот“. Сите портали на печатените медиуми го пренесуваат и делот од говорот на генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, во американскиот Конгрес по повод 70-годишнината на Евроатлантската алијанса: „Северна Македонија наскоро ќе биде 30-та членка на НАТО“. Вечер ја објавува и изјавата на државниот секретар на САД, Мајк Помпео, во предвечерјето на прославата по истиот повод: „Годинава се подготвуваме за добредојде на Северна Македонија во НАТО“.
Независен го објавува писмото на 33 европратеници од 16 земји во Европскиот парламент до Норвешкиот комитет за Нобел, со наслов: „Поддршка за номинацијата на Заев и Ципрас за Нобеловата награда за мир за 2019 година“.
Во меѓувреме, на 1 април и официјално почна предизборната кампања за претседателските избори. Со извесни разлики - сите портали на печатените медиуми ги следат настапите на тројцата кандидати, некои со многубројни наслови со извадоци од обраќањето пред граѓаните, некои објавувајќи чисто технички информации. Нова Македонија таксативно наведува: „Река на средби со граѓаните во повеќе скопски села“, „Пендаровски: Огромна победа за државата, за нашето заедничко утре“, „Силјановска: Во Европа не се оди без владеење на правото“.
Министерството за правда со пишана реакција одговори на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, објави Нова Македонија: „Услов за почнување на преговорите со ЕУ не е донесување каков било закон за јавно обвинителство... за жал насоките што Мицкоски ги добива од неговиот менаџер во Будимпешта, претопени во амандмани, се против принципите на владеењето на правото и правдата во државата“.
Видете и ова: Датумот за преговори ќе зависи од консензусот во ЕУЕлектронските изданија на печатените медиуми, заедно со детали за авионската несреќа на авионот Цесна со бугарски државјани над Солунска Глава, го објавуваат и демантот на Македонска навигација по шпекулацијата во некои бугарски медиуми: „Цесната доби одобрување да слета на скопскиот аеродром“, како што наслови Нова Македонија. Независен го објавува соопштението на Комитетот за воздухопловни несреќи: „Проверивме, немало забрана за слетување во Скопје“. Независен објавува и дел од шпекулациите на некои бугарски гласила дека наводно, на Цесната на бугарскиот бизнисмен не ѝ било дозволено да слета во Скопје, „поради официјалната посета на грчкиот премиер“, како што објавил бугарскиот портал Булњуз.
Инаку, „Во март се регистрирани 128 пожари во земјава од кои 47 се навлезени во шума и има сериозни штети по дрвната маса“, го цитира Слободен печат директорот на Македонски шуми, Зоран Ѓорѓиев.