Полското собрание утре ќе го ратификува протоколот за членство на Македонија во НАТО, со тоа станувајќи десетта земја која го ратификува протоколот кој беше потпишан на почетокот на февруари, соопшти денеска полскиот амбасадор Војциех Тицињски. Тој ова го кажа на дипломатската дискусија на тема „Патот до Брисел“, настан во рамките на НАТО неделата, кој се одржа во владата во организација на Евроатлантскиот совет на Македонија.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека Македонија помина долг, па и предолг пат до зачленувањето во Алијансата и оти земјава не добила подарок, туку го заслужила членството.
„Целта е процесот брзо и ефикасно да се заврши. Ние, можеби тоа го видовте во изминатите две години, не сме нестрпливи, меѓутоа научивме како држава дека не е добро да го губиш времето, затоа што од губење време завршуваш со изгубена декада“, рече Шекеринска.
Словенечкиот амбасадор Милан Јазбец, чија амбасада е и контакт-амбасада на НАТО во Македонија, рече дека земјава направила голем напредок за многу кратко време и очекува многу брзо да стане 30-та членка на Алијансата.
„Ова се случува помалку од еднаш во животот. Јас не можам да се сетам на ниедна земја-членка на НАТО која имала девет ратификации за месец и половина. Ова е навистина фасцинантно и ја заслужува благодарноста на сите земји коишто го направија тоа, вклучувајќи ја и Словенија“, рече Јазбец.
Премиерот Зоран Заев рече дека членството во НАТО е остварување на стратегиска цел на Македонија и оти со тоа земјата станува постабилна и побезбедна, а тоа носи е економски придобивки.
„Како идна полноправна членка на НАТО, ние сме подготвени целосно да го споделиме товарот, должностите и одговорностите за зачувување на регионалниот и меѓународниот мир и стабилност. Во таа насока, знаете дека Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за зголемување на трошоците за одбраната за 0,2 проценти од БДП-то секоја година, со конечна цел да ги постигнеме 2 проценти од БДП-то не подоцна од 2024 година“, рече Заев.
Претседателот на Евроатлантскиот совет Исмет Рамадани рече дека знаеле дека патот до Алијансата нема да биде лесен, но оти владата одлучила да „загази во минско поле“ и со Преспанскиот договор ги отворила вратите за членство во НАТО.
„Кај нас народно за некој човек се прашува дали е добар со комшиите. Ако е добар со комшиите, тогаш е добар човек. Ние сега сме земја која е добра со комшиите, значи сме добра земја“, рече Рамадани.
НАТО годинава одбележува 70 години од постоењето, а во Македонија се одбележува и 20-годишнината од основањето на Евроатлантскиот совет.