Политиката што САД ја спроведуваат на Балканот, а со тоа и во земјава, се поклопува со интересите и аспирациите на земјите за членство во ЕУ и НАТО, рече идниот помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Филип Рикер по денешната средба со премиерот Зоран Заев во Скопје.
“Нашата цел е усогласеност со аспирациите на луѓето кои живеат во овој регион. Други земји можеби сакаат да го зголемат своето влијание на Западниот Балкан, вклучително и тука во Северна Македонија. САД е посветен пријател на сите овие држави кои изразија желба да се приклучат кон ЕУ и работат на реформите, и ја изразија својата желба да станат земји членки на НАТО, што веројатно е најуспешната одбранбена мировна Алијанса во светот, рече Рикер одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот Заев по средбата рече дека Република Северна Македонија станува стабилен стратешки партнер на САД.
“Заедно сме фокусирани и посветени на безбедноста, на слободниот и непречен развој во регионот во услови на постојана поддршка на демократскиот просперитет. Како партнери со заеднички стратешки интереси, како партнери во НАТО нашата заедничка цел е борба против тероризмот и екстремизмот и заеднички акции во однос на сите закани за регионот и пошироко”, рече Заев.
Во Скопје Рикер се сретна и со со вицепремиерите Кочо Анѓушев и Бујар Османи, со министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и претседателотна ДУИ Али Ахмети. Од опозициската партија соопштија дека Мицкоски на американскиот гостин му посочил дека власта во овие моменти спроведува “злоупотреба на институциите, нарачани обвиненија, притвори и пресуди”.
Договорот од Преспа- пример за регионот
Поранешниот американски амбасадор во земјава испрати и пораки за помирување и решавање на соседските односи меѓу земјите од Западен Балкан. Историскиот Договор од Преспа го отвора патот на земјава кон членството во НАТО, изјави Рикер, кој додаде дека решавањето на 27 годишниот спор меѓу Скопје и Атина покажа што може да се постигне со напорна работа и лидерство.
Рикер порача дека премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, како и министрите за надворешни работи треба да се пофалат со историското достигнување, за кое изрази уверување дека другите лидери во Западен Балкан ќе учат од тоа искуство, затоа што докажува дека длабоко вкоренетите извори на историски конфликт може да се надминат.
Тој додаде дека треба да се обидеме за момент да замислиме како ќе изгледа Балканот ако лидерите од регионот се обидат да донесат слични компромиси и учествуваат во помирувањето.
Рикер од конференцијата во Скопје каде беше дел од иницијативата „Балкан 360“ порача дека Европа е центарот на геополитички натпревар и во изминативе години Москва се обидува насилно да ги прецрта границите во Источна Европа, ги малтретираше соседите, лансира дезинформации и се обидува да дестабилизира мешајќи се во изборни кампањи на Западот. Од друга страна Кина и нејзината платформа „16+1“ и нејзините проекти со спорни економски услови за зголемување на политичко влијание исто како Русија се обидува да ја поткопа западната солидарност, вели тој.
„Европа и САД мора да работат заедно за да се осигураат дека Западот и натаму ќе биде најатрактивен модел за модерно и слободно општество. САД остануваат посветени на поддршка на аспирацијата на сите земји од Западниот Балкан, но не од добрината на нашите срца, туку бидејќи е во стратешки интерес на САД да има мир, просперитет, стабилност во Европа. Проширувањето е критичен двигател на политичките и економските реформи кои се потребни за една земја да се квалификува за членство во западните институции. Во однос на внатрешните и надворешните предизвици, ние мора да останеме фокусирани и цврсти кон прашањата како што се потранспарентна и одговорна влада, владеење на право, слобода на медиуми и вклученост на граѓаните. Тие столбови можат да го зголемат отпорот кон надворешните актери кои се обидуваат да ги задржат балканските земји поделени, кршливи и ранливи“, вели Рикер.
Косово ризикува сè со тоа што не преговара
Рикер побара од Косово и Србија да ги отстранат бариерите за преговори и да дозволат Дијалогот да се придвижи.
„Дел од ова мора да биде укинување на таксите за увоз на српски и босански производи. До граѓаните на Косово имам да порачам дека ја разбираме вашата фрустрација, ја разбираме вашата желба за да ја контролирате вашата судбина и да ја унапредите интеграцијата на Косово во меѓународниот систем. Но, ние не ја бараме месечината, само ограничено времено укинување на таксите. Потоа можеме да видиме што ќе се постигне на преговарачка маса. Ниту еден договор не е потпишан сè додека не се постигне согласност за сите негови аспекти. Косово не губи ништо ако преговара, но ризикува сè со тоа што не преговара. Исто така го повикувам Белград кој беше агресивен во отфрлање на Косово, да се фокусира и на својот стратешки интерес. Косово и Белград мора да се прашаат себе си што е алтернативата на нормализирање на односите?“, вели Рикер.
Рикер вели дека нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија во рамките на дијалогот под раководство на ЕУ е следната можност за решавање на уште еден проблем кој го кочи регионот. Во однос на Србија истакна дека Белград мора да ги забрза реформите кои се неопходни за исполнување на европските критериуми. Рикер ја потсети Албанија која е членка на НАТО дека мора да работи на искоренувањето на корупцијата и на ревидирање на клучните институции со цел владеење на право и реформи во судството, додавајќи дека албанската опозицијата која се откажа од парламентарните мандати треба заедно со сите политички чинители во општеството да вложат напори во реформскиот процес со цел и формално отпочнување на процес за пристап во ЕУ.
Им честита на Хрватска и Црна Гора за успесите во реформите и нивната евроатланска интеграција Но земјите од Западен Балкан и натаму се соочуваат со геополитички предизвици, и тие мора да работат заедно за како соседи да изнајдат решенија за да тргнат напред, како на пример Босна да се откаже од ветото за Косово за А5, Србија и Хрватска да ги решат застарените прашања, Албанија и Грција да ги решат отворените прашања се дел од прашањата кои треба да се надминат, истакна Рикер кој на 18 март застанува на функцијата помошник-државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања.