Одат на излет и ѓубрето си го оставаат таму

Коритот на реката Пена во Тетово.

Во коритото на Пена, но и на излетнички места на Шар Планина е преполно со ѓубре. Менталитетот најтешко се менува, велат планинарите.

Коритото и кејот на реката Пена во Тетово со години имаат иста слика - многу расфрлани отпадоци, оставени делови од мебел, па дури и од возила. На тој начин претставува една од црните еколошки точки во градот. Наместо простор кадешто луѓето ќе може да се прошетаат и да се избегне градскиот метеж, речиси низ целата должина, реката повеќе наликува на депонија.

Ниската свест за подобра животна средина освен во градот е забележителна насекаде, на пример во планинските предели. Поради неразвиената еколошката свест насекаде е загадено и полно со отпадоци, вели Атанас Соколовски новинар, воедно планинар и еколошки ентузијаст.

„Караниколичко Eзеро е на три часа пешачење од Лешница, до таму може да се дојде со џип, со теренско возило, непристапно е, така да речам, за случајни минувачи. Таму треба да си тргнал специјално, одат или планинари или понекогаш овчари кои своите стада ги напасуваат во околината, бидејќи тоа е едно од најубавите места на Шар Планина. И сега кога отидов таму, кога дојдов до езерото имаше конзерви од паштета и друг отпад оставен од луѓе кои се движат во природа и по самиот начин на размислување треба да имаат подруг однос кон околината од останатите, така да речам. А сепак се однесуваат неодговорно односно го оставиле сметот кој го донеле“, потенцира Соколовски.

Александар Стојановски-Цули од планинарскиот клуб Јелак објаснува дека менталитетот најтешко се менува, па затоа и понатаму постои проблемот со фрлените отпадоци. Како да не помагаат кампањите и апелите за чување на животната средина, вели тој.

„Луѓето кои одат во планина, планинарите, не се исклучени од општеството. Ние со нас на планината ги носиме нашите навики. Ако ние се однесуваме неодговорно во урбани средини фрламе отпад и не се грижиме за отпадот и истото го пресликуваме во планината. Генерално се покажува ниска култура за природата и природните богатства, па така отпадите често завршуваат во планините, во планинските езера каде што чистењето на истите е многу сложено и комплицирано“, истакнува Александар.

На интернет страницата на општината постои можност граѓаните да ги пријават несовесните однесувања на физички и правни лица кои со своите постапки ја загадуваат животната средина, но нема информации за евентуални постапки кои ги покренале општинските еколошки инспектори.

Од друга страна, во Тетово нема забележителни примери на самоиницијативност на жителите во расчистување на локации со насобран смет, како што има во Скопје или според светскиот интернет тренд на фотографирање пред и по собирање на отпадоци.