Дуелот Заев-Мицкоски и судбината на СЈО – главни теми во весниците

Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ Христијан Мицкоски и Зоран Заев

ТВ дуелот меѓу лидерите на власта и на опозицијата, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, како и Законот за јавно обвинителство со кој треба да се регулира работата на СЈО се главни теми во дневниот печат.

Електронските изданија на Нова Македонија и Вечер се полни со наслови од „ТВ дуелот на деценијата“, како што го крсти ТВ Канал 5, помеѓу премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Со таа разлика што решението на загатката, дека опозициската партија веќе поднела амандмани за предлог-законот за Јавно обвинителство, како што изјави Мицкоски, порталот на Нова Македонија го објавува меѓу првите, а Вечер меѓу последните наслови на својата веб страница.

Видете и ова: Трета шанса за СЈО

Па во Нова Македонија читаме: „Министерката за правда Рената Дескоска ги добила амндманите на ВМРО-ДПМНЕ по ТВ дуелот“.

Електронските изданија на Независен, Вечер и Нова Македонија информираат: „Власта и опозицијата денеска во нов обид да се усогласат за СЈО“.

Слободен печат ja објавува истата вест на својот ФБ профил затоа што неговата веб страница во изминатиот период била нападната од хакери па редакцијата информира дека прави напори електронското издание да го префрли на нова адреса. Слободен печат на ФБ страницата го најавува и печатеното издание на весникот со свое видување на ТВ дуелот Заев – Мицкоски: „Поуки од ТВ дуелот – Мрчење на деценијата! – Повремено дебатата наликуваше на улична расправија, а таквиот начин на комуникација помеѓу лидерите на двете најголеми партии според комуниколозите само го потврдува ниското ниво на кое е доведена политиката во државава“.

Независен објавува свој заклучок по средбата на Мицкоски со осумтемина „одметнати“ пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, изведен од изјавата на Крсто Мукоски за весникот: „Независните пратеници сега го поддржуваат СЈО: Треба да продолжи со работа“. Весникот додава дека „нивните гласови и овој пат, како и за договорот за името, ќе бидат исклучително важни во обидот на власта да обезбеди двотретинско мнозинство за СЈО“.

Видете и ова: Името не е проблем, сега СЈО ли ќе ја запре Северна Македонија

Весниците информираат дека „Антикорупциска отвори постапка за судиите Панчевски, Вангеловски, Зафировска, Костова и Лаличиќ за да ја провери нивната имотна состојба според поднесените анкетни листови и изјави за интереси“ – како што наслови Нова Македонија. Независен оваа вест ја објавува на насловната страница: „Вангеловски и Панчевски на тапет на Антикорупциска – Колку и како се полнел џебот на ’сваровски‘ судиите?“

Нова Македонија ја објавува информацијата за Годишниот извештај за работата на Народниот правобранител: „Граѓаните најмалку му веруваат на судството – ова го покажува и двојно зголемениот број на претставки во врска со правосудството поднесени до Народниот правобранител минатата година“.

Вечер објави: „Синот на Мира Дизел не требало да биде вработен во ЕЛЕМ. Мира уште не поднесува оставка – Антикорупциска утврдила неправилност при вработувањето на синот на пратеничката на СДСМ, Мира Стојчевска“.

Видете и ова: Годишен извештај на омбудсманот: Граѓаните најмалку му веруваат на судството

Вечер објавува уште една информација од Антикорупциска: „Градоначалниците на Бутел и на Ресен се и членови на управни одбори. Овие двајца и уште 16 службеници имаат рок од 15 дена да го отстранат судирот на интереси“.

„Пожари во овој период од годината не се паметат последниве децении“ – го цитира Нова Македонија соопштението од Дирекцијата за заштита и спасување. Печатените медиуми јавуваат за пожари на Скопска Црна Гора, кај селата Матејче и Никуштак во Општина Липково и дека гори трска долж Охридско Езеро. „Дирекцијата за заштита апелира до населението да престане со палење на ливади, трева и стрништа додека не настане катастрофа од огромни размери, која би вклучила и човечки жртви“ – додава Нова Македонија.

Морбили и кај нас и во Њујорк: „Во Струга прогласена епидемија на мали сипаници – морбили. Заразените се главно поради невакцинирањето на децата“, објави Независен. А Нова Македонија информира дека „Њујорк презема мерки против ширењето на морбилите, главно во северниот дел на градот каде што живеат припадници на локалната ортодоксна еврејска заедница, а властите стравуваат дека постои опасност од ширење на болеста и меѓу другите конзервативни верски заедници во Њујорк кои одбиваат вакцинирање на децата“. Весникот додава дека поголем број заболени од мали сипаници се регистрирани и во државите Вашингтон, Калифорнија, Тексас и Илиноис.

Како за крај на прегледов, но не и помалку важна, веста што ја објави Нова Македонија: „Шефот на Канцеларијата за врски на Република Грција, амбасадорот Димирис Јанакакис, на прославата на Националниот ден на Грција, гостите ги поздрави на македонски јазик“.