Достапни линкови

Годишен извештај на омбудсманот: Граѓаните најмалку му веруваат на судството


Во годишниот извештај на Народниот правобранител се наведува дека во измината година граѓаните искажале најголема недоверба кон судската власт. Генерална забелешка е дека неоправдано биле одложувани постапките, а во многу случаи се одлучувало незаконски по барањата на граѓаните

Во измината година граѓаните искажале најголема недоверба кон судската власт, а состојбите не се многу променети и во работните односи, казнено-поправните установи, дискриминацијата, социјалната заштита и сигурност, се наведува во годишниот извештај на Народниот правобранител. Генерална констатација карактеристична за сите дваесеттина области кои се во фокус на извештајот е неоправданото одложување на постапките и во многу случаи незаконското одлучување по барањата на граѓаните.

“Бројот на поднесени претставки во врска со правосудството скоро двојно е зголемен. Долгото траење на постапките е основен проблем за кој се бара заштита, а голем е и бројот на претставки во кои граѓаните изразуваат незадоволство од судските одлуки, за кои сметаат дека се донесени пристрасно, селективно, под притисок и политичка мотивираност”, рече заменикот народниот правобранител Васка Бајрамовска.

Таа истакнува дека нема позитивна промена ниту во поглед на ефикасноста во постапувањето на Јавното обвинителство, особено поради тоа што биле евидентирани случаи, кривичната пријава да биде отфрлена поради настапување на апсолутна застареност за кривично гонење, што според неа, упатува на заклучок дека таквата состојба е резултат на пасивноста и неефикасното преземање дејствија во предистражната и истражната постапка од Обвинителството.

Во годишниот извештај се наведува дека за околу 60 проценти е зголемен бројот на поднесени претставки во врска со правата од работен однос. Граѓаните најчесто барале заштита поради повреда на правата во постапките за вработување, исплата на плати и други надоместоци, за распоредување на вработените, за престанок на работниот однос и сл.

“Во оваа област констатиравме дека продолжува праксата на партиски реваншизам, после спроведување на кои било избори, што беше особено видливо во сферата на образованието и детската заштита, како при изборот на кандидати за вработување, така и при трансформацијата на работниот однос на вработените од определено на неопределено време и во однос на продолжување на договорите за работа”, рече Бајрамовска.

Благ пораст има на претставките за дискриминација по основ на политичка припадност, етничка основа, како и заштита од мобинг на работно место. Во извештајот се констатира дека во областа на социјалната заштита, висината на помошта на граѓаните кои егзистираат од овие средства е далеку од реалните потреби и не придонесува за надминување на ризикот и сиромаштијата кај тие семејства. Бездомништвото останува и понатаму проблем за кој не е изнајдено решение, се наведува во извештајот.

Заменик народниот правобранител Бајрамовска посочува дека состојбите не се значително променети и во областа на казнено-поправните установи, во однос на условите за сместување, храната, хигиенските и санитетските услови, а тука е и проблемот со несоодветен стоматолошки третман на лицата во затворите.

“Од друга страна и по истек на скоро пет години од почетокот на изградбата на Воспитно-поправен дом, кој требаше да биде завршен во 2016 година, објектот се уште не е пуштен во употреба, а децата кои се во судир со законот, наместо во Дом, казната ја извршуваат во КПУ Затвор Охрид,” рече Бајрамовска.

Меѓудругото, зголемени се претставките и во однос на полициските овластувања, особено на поплаки за тортура, непрофесионално или несоодветно однесување на полициските службеници.

Во односот на правата на детето состојбите се алармантни особено во делот на училишното насилство, сместувањето на децата, големиот број абортуси и раѓања од страна на деца, непочитување на стандардите за бројност на групите во детските градинки итн.

Во извештајот се наведува дека и годинава продолжила праксата приватните здравствени установи на пациентки да им наплаќаат парични средства за извршени прегледи во текот на бременоста и за лабораториски анализи, кои според Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца се бесплатни.

Бројот на претставки од граѓаните опаѓа во делот на потрошувачките права, а расте во делот на урбанизам и градба, каде се забележува дека поголемиот број постапки за легализација на бесправно изградени објекти се се уште во тек, иако изминува осмата година откако е започнат овој процес.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG