Јанкуловски: Дишам нормално откако почнав да сликам само со црна боја

Македонскиот уметник Мице Јанкуловски е добитник на високата награда за животно остварување за сликарство „Лоренцо Ил Мањифико“ на 12-то Меѓународно биенале на современа уметност што се одржува во Фиренца, Италија.

Делата на Јанкуловски треба да се видат во светлото на Венеција: нивната моќ да го долови животот преку формата притоа достигнувајќи го својот моментум, препознатлив пристап, фасцинантни истражувања и оригинален исход. Формите се предмет на долгогодишните истражувања на авторот. Забележливо резервирани, дистанцирани и тивки, неговите дела носат длабок филозофски под-контекст, претворајќи ги во визуелни пораки во вечноста.

Ова во својата анализа за творештвото на македонскиот уметник Мице Јанкуловски воодушевено ќе го забележи Д-р Мелани Зеферино, британско-италијански научник и куратор на Биеналето во Фиренца.

По само една година од изложбата „Форми на црно“ во Солун каде што на отворањето беше презентиран дел од овој текст, Мице Јанкуловски стана добитник на престижната награда за животно остварување за сликарство „Лоренцо Ил Мањифико“ за 2019 година на 12-то издание на Меѓународното биенале на современа уметност што се одржува во оваа италијанска културна метропола. Награда која, според познавачите, е еквивалент на филмскиот Оскар и е веројатно највисокото признание кое во сверата на визуелните уметности го има добиено некој автор во земјава. Инаку, актуелното издание на манифестацијата е тематско и посветено на 500 години од смртта на големиот Леонардо да Винчи ( 1519) и на него Мице Јанкуловски се претставува со својот нов серијал на слики насловен како „Круговите на Леонардо“.

Конечно, наградата за македонскиот уметник кој твори во повеќе медиуми доаѓа во вистинско време затоа што тој годинава одбележува 50 години од своето уметничко творештво кое се карактеризира со десеттина значајни признанија во светот и над 40 самостојни изложби.

​„Јас сум задоволен од она што во последниве седум – осум години го работам, а тоа е црната фаза. Почнав во 2011, за да комплетно и се посветам во 2016 година. Ги фрлив четките и користам не сликарски прибор – разни гребла, чешли, шпакли...И морам да ви признам дека безмалку по 50 години сликање раката прв пат ми е слободна и дишам нормално“, вели Јанкуловски.

Тој појаснува дека во периодот кога сликал на стакло, поради принципот на работа – се слика од „задната страна“ и така се нанесуваат боите, неколкупати се онесвестил. Истакнува дека е тоа сликање и дишење со прекини... и дека е многу напорно. Затоа одлучил, сосема случајно, да слика само со една боја. Со црната боја. Појаснува дека на ваквата одлука и кумувал моментот на наоѓање на цртежите кои ги правел интензивно од 1974 година во весникот „Студентски збор“ каде бил одговорен за хумор и сатира, а најголем „виновник“ за тоа бил Јордан Плевнеш, тогашниот уредник на културната рубрика. До нив дошол по цели две децении благодарение на тогашниот технички уредник во весникот Никола Симовски.

„Кај него најдовме преку 1000 мои илустрации и мислам дека тоа е најголемото богатство што јас сум го имам, бидејќи многу малку од сликите имам зачувано. Објавени се пет, шест ...токму од 1969 година. И сега, оваа година, се подготвувам да печатам две публикации, едната за цртеж, другата за сликарство, и мислам дека сега од дистанца цртежите, всушност срно-бели илустрации и вињетки, можеби потсвесно пресудија да го правам тоа што всушност сум го правел повеќе од 40 години. Да не кажам половина век“, истакнува Јанкуловски.

Уметникот прелистувајќи го сопственото минато ќе рече дека првите илустрации јавно ги објавил уште како дете, на седум годишна возраст, во весникот „Колибри“. Тогаш прв пат сам допатувал од населбата Ѓорче Петров во Скопје. Дома, па дури и во во малото немале телевизор. Тој не знаел дека тоа што почнал да го прави е уметност. Го интересирала кинетиката. Движењето. Со оглед на неговата фасцинација од ефектот на движењето Мице полека го открил и цртаниот филм, а паралелно почнал да слика и на платно благодарение на тоа што материјал му носел неговиот татко инаку кондуктер во возовите во Железница.

„Тоа го правев со прекини. Се бавев интензивно со карикатура. Се бавев со цртан филм и 1978 година дебитирав во Вардар филм со „Повлечи – потегни“. Работев кај Дарко Марковиќ. Работев со Делчо Михајлов. Во тој период мислев дека анимацијата ќе биде мојата идна преокупација. Апсолвирав на Архитектонски факултет и со Вукотиќ се договаравме да одам на постдипломски студии за анимација кај него во Загреб. Буквално бев вљубен во анимацијата и мислев дека тоа ќе биде мојата идна професија. Дури имав покана да одам тоа да го правам во Отава, во Канада. Не отидов. Моите не ме пуштија“, објаснува Мице.

Во натамошната експликација уметникот и со информација дека бил претседател на Филмска младина на Македонија, дека правел календари...и дека од тоа живеел. Во еден период бил доста активен во карикатурата по што станал познат, дека го формирал и Здружението на карикатуристи и дека класичното сликарство на стакло и на платно иако било присутно некако останало во втор план.

„И, кога почнав да сликам само со црна боја, почнав да дишам нормално. Раката веќе беше крило и почна да ми лебди. Јас никогаш не сум имал таква продукција како што имам сега. Дваесет години имав пауза во сликарството бавејќи се со сите тие други активности, со реемисии, анимации, карикатура...за да сега се случи некој пресврт. Во овој момент верувајте јас со денови можам да работам без прекин. Со овие слики учествував на неколку манифестации и на сите тие влегов во најтесниот круг за награда. Почнавме со серијата графики кои се печатени во студио „Фелами“, а куратор е Енцо ди Матино, алфа и омега на Венецијанското биенале и еден од најголемите критичари во Италија. Тој ги прати директно во Варна, во Бугарија, и таму добив Гран при во 2017 година. Во Ларнака, на Кипар, бев прогласен за Уметник на светот. Еве сега за црната фаза добивам високо признание во Фиренца, а таму ќе бидат претставени фрагменти од 11 платна. Тоа се 500 кругови посветени на годишнината на Леонардо да Винчи. Еве сега ми стигна порака дека сум влегол во конкуренција на големото биенале во Кина. Не знам што се случува. Оваа моја црна фаза ги фасцинира луѓето“, вели Јанкуловски.

Тој и со информација дека со црната боја работеле Пјер Сулаж пред многу години, Рајнхард кој нанесувал по десетина – петнаесет талози од црната боја и го правел „она што го правела ренесансата само со една нијасна црно“...

„Јас сега прв пат уживам. Прво правев дела со понежна, сега со многу груба структура...А ги фрлив четките затоа што целиот тој спектар јас го правам со една боја. Како што се движи сонцето и од кој агол паѓа светлината сликите различно се доживуваат. Тоа се сосем различни слики. И тие, освен во Фиренца и Винчи, родниот град на големиот Леонардо, ќе бидат изложени и на Биеналето во Венеција, а за истата серија има интерес од Бостон, од Хјустон...од Санк Петербург и од Будимпешта. Е, сега тоа треба да се издржи бидејќи државата нема пари за печатените работи. За каталози и за други публикации“, смета уметникот.