Достапни линкови

40-та Светска галерија на карикатури - Скопје 2012


Специјална награда(плакета) за Бурак Ерџин од Турција.
Специјална награда(плакета) за Бурак Ерџин од Турција.

Селектирани дела од над 450 карикатуристи од 70 земји од светот ќе бидат претставени на 40-та Светска галерија на карикатури – Скопје 2012 што ќе биде отворена утревечер во 20 часот во салонот на Остен.

Германецот Ото Лотар за карикатура, Владимир Казаневски од Украина за сатиричен цртеж и младиот македонски уметник Владимир Илиевски за стрип се добитници на трите први рамноправни награди во трите категории на 40-то издание на Светската галерија на карикатури - Скопје 2012, што како организатор ја потпишува Остен.
Понудив три карикатури од кои победи една карикатура во форма на стрип од две слики, која има цел да насмее, да внесе некоја позитивна мисла во животот на луѓето.
Владимир Илиевски, добитник на првата награда за стрип.

Нивните дела, интернационалното жири во состав д-р Мидхат Ајановиќ – Ајан од Шведска, Ана Рон Вебер од Аргентина, Руди Гејсенс од Белгија, Ленг Му од Кина и нашиот карикатурист Мице Јанкуловски, ги издвои од вкупно 1280 трудови од 450 автори од 70 земји од светот што годинава пристигнаа на распишаниот конкурс. Во предселекцијата учество зеде и карикатуристот на годината Драган Поповски, а како што велат организаторите, главно во цртежите доминирале теми врзани за политиката, Европската унија, екологијата и за глобализацијата.

„Понудив три карикатури од кои победи една карикатура во форма на стрип од две слики, која има цел да насмее, да внесе некоја позитивна мисла во животот на луѓето“, вели Владимир Илиевски, штотуку дипломиран сликар од Скопје.

Тој дополнува дека нему ова признание кое воопшто не го очекувал ќе му биде поттик посериозно да им се посвети на карикатурата и на стрипот паралелно со ликовната уметност.
Корнелија Коневска, извршната директорка на Остен, откако ќе забележи дека неговиот стрип бил делото кое посебно го издвоило жирито, вели дека токму младоста е адутот на кои тие ја базираат својата активност во иднина.

Инаку, Илиевски е меѓу 30-те македонски автори кои учествувале на конкурсот од кои во 10-те добитници на специјалните награди влезе и карикатуристот Блаже Докулевски.

Светската галерија на карикатури е единствената манифестација од овој вид во Македонија, прва на Балканот и една од најстарите во светот. Формирана е во 1959 година од редакцијата на списанието Остен. Со тоа, критичката мисла изразена преку уметничките форми – карикатурата, сатиричниот цртеж и стрипот, стана достапна за широката публика.

Мице Јанкуловски, еден од оние кои со личниот ангажман се заложи за возобновувањето на Галеријата во последниве неколку години истакнува дека пројавениот голем интерес за учество на манифестацијата говори за нејзиното високо реноме во светот.

„Наша определба е да ги мотивираме и карикатуристите со тоа што секогаш ќе го подигнуваме нивото на манифестацијата. Тоа го правиме преку поставените високи критериуми на меѓународното жири, преку овозможување простор на карикатуристите за споредба, натпревар и на крај, за споделување на карикатурите со јавноста.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG