Карпош - кумановско село или приградска населба?

Приградската населба Карпош во Куманово

Жителите сметаат дека не им е важно дали во регистарот ќе бидат заведени како село или градска населба, тие сакаат да биде урбанизирана, за младите да не размислувале да мигрираат во градот.

На околу три километри од Куманово се наоѓа приградската населба Карпош, некогашна Рајкова куќа, веројатно по првиот доселеник во овој дел од Жеглиговскиот крај. Според последниот попис на населението во 2002-та година регистрирани се 5.433 жители (претежно Македонци и Срби), а според сегашните проценки и зголемената миграција село –град, но и град-село, бројката е зголемена за најмалку околу три илјади. По повеќе нишани оваа локација може да се вбројува во градска населба, но според променетиот урбанистички план од пред четири, пет години таа се смета за село.

Во оваа приградска населба се чини најголем проблем е неизградената инфраструктура. Во некои делови жителите одгледуваат живина и ситен добиток, а неплански изградените објекти дел се легализирани, дел чекаат на тоа. Улиците се обележани со бројки, а има случаи и неколку куќи да се со ист број.

Жителите сметаат дека не им е важно дали во регистарот е село или градска населба, тие сакаат да биде урбанизирана, како младите не би размислувале да мигрираат во градот. Особено што има основно училиште, приватни стопански, трговски, угостителски објекти, здравствена и ветеринарна клиника, а вработените се главно од оваа населба.

„Карпош треба да биде населба, а не село. Блиску е до центарот на градот. Лично ми пречи што нема урбанистички план. Повеќе од десет години живеам во две соби и не можам да ја доградам и да ја проширам куќата, бидејќи не можам да добијам документација за тоа. Ми пречи и што во населбата се одгледува ситен и крупен добиток и тоа во густо населениот дел. Затоа сметам дека најитно треба да се донесе планот Карпош да се урбанизира и да биде приградска населба. Ако пак е село, зошто тогаш не може слободно да се гради“, вели жителка од оваа населба и додава дека на жителите им пречи и што сметот се изнесува само еднаш седмично, што особено во летните месеци се шири непријатна миризба.

„Бидејќи е село, така било законски“, вели запрашаната кумановка.

Сашо Стошевски советник од ВМРО-ДПМНЕ во општинскиот Совет смета дека дел од објектите на поранешната касарна може да ги преземе Општината да ги реконструира и да ги пренамени.

„Постојат објекти во таканречената Долна касарна на Улицата 120. Дали тие објекти Општината може да ги преземе и да изгради градинка, пензионерски клуб и канцеларија за работа на урбаната заедница. Тоа се шест простории со површина од околу 600 квадрати, сега оставени на забот на времето.“

Освен Стошевски и жителите сметаат дека градинка треба да се изгради.

„Градинка сигурно дека треба, затоа што тоа е населба, која не сум сигурна, но веројатно има преку седум, осум, можеби и десет илјади жители, затоа што има многу мали деца, млади луѓе, а основното училиште е со најголем број деца од сите основни училишта во градот.“

Градоначалникот Максим Димитриевски смета дека просторот според него е идеален за какава било намена, но претходно треба да се реконструира и да се прошири Улицата 120, а најголем проблем за населбата Карпош е што таа не е во планскиот опфат. Просторот е во владение на ЈП „Македонски шуми“, двапати од Општината било барано да и се отстапи, но до сега без одговор.

„Урбанистичкиот план за населбата Карпош своевремено беше усвоен од општинскиот Совет, но, мислам дека во 2013 или 2014-та година Владата одлучи да го поништи и затоа сега не можеме да издаваме никаква урбанистичка документација за било каква градба во овој дел на градот. Поради тоа населбата треба да се третира како село, со што не се согласувам“, смета Димитриевски.

Тој додава дека населбата Карпош се соочува со сериозни комунални проблеми. Нема подземна, а во најголем дел ниту надземна инфраструктура, а за нејзина изградба се неопходни над сто илјади евра.

Според него во Карпош не е планирана изградба на градинка. Градинка ќе се гради во мултиетнички дел „Бајрам Шабани“, како и доградба на постоечкиот објект во поранешниот Дом на пионери во Куманово.

Инаку, во изминатиот период локалната самоуправа постави асфалт и осветлување на главната улица (стариот кумановско-кривопаланечки пат), како и на неколку помали улици.