Ако не помине законот со кој ќе се реши статусот и ќе се продолжи работата на Специјалното јавно обвинителство се зголемува можноста земјава во јуни да не добие датум за почеток на преговорите за зачленување во Европската унија, предупредуваат упатените.
Решавањето на статусот на СЈО е предвидено во Стратегијата за реформи во правосудството, која меѓудругите реформски приоритети ја спомена и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан по минатонеделната средба со премиерот Зоран Заев.
СЈО е важно за да се покаже дека има владеење на правото, а иднината на случаите што ги води е во голема мера поврзана и со докажувањето дека земјава има потенцијал за борба против високата корупција, вели Симонида Кацарска од Институтот за европска политика ЕПИ. Таа нагласува дека решавањето на високопрофилните случаи на корупција е и едно од клучните барања на Европскиот совет од јуни минатата година.
Видете и ова: СЈО - разочарување или успех?“Треба да бидеме свесни дека на наша страна е да испорачаме што е можно повеќе пред затворањето на европскиот извештај годинава и да им дадеме што е можно повеќе аргументи на скептичните земји членки кои се скептични токму за владеење на правото, а со тоа ќе го оневзможиме користењето на аргументот дека не сме направиле доволно”, вели Кацарска.
Главниот повеќе децениски спор за името со Грција го решивме, но ова може да биде проблем кој ќе ни го забави патот кон Европската унија, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.
“Јас се надевам дека нема да се сопнеме на патот кон ЕУ на овој закон, но ако се сопнеме, ќе се знае вината кај кого е. Без разлика на партиските и политичките наративи, ова е дел од владеење на правото, а ние не можеме да бидеме членка на ЕУ, ако не ги исполниме основните предуслови. За овој случај не треба вината да ја бараме надвор, туку внатре”, вели Муслиу.
Тој го споредува надминатиот проблем за името меѓу Скопје и Атина и овој проблем, нагласувајќи дека првиот не зависеше само од македонските политичари, туку и од грчките колеги, за разлика од ова што исклучиво е во рацете на домашните елити.
Видете и ова: Судбината на СЈО повторно кај политичарите“Тие треба да смогнат сили и тоа да го решат и да ги убедат нашите евроатлантски партнери, но и нас како граѓани дека приоритетно им е владеењето на правото, а не само партиските интереси”, вели Муслиу.
Инаку партиските преговори за решавањето на иднината на СЈО запнаа минатата недела, па владата и опозицијата засега не се помрднуваат од своите позиции, а се отвора можноста за обезбедување на двотретинско мнозинство во Собранието кое не е поврзано со директните преговори ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Минатата недела, по средбите на владината делегација со европските претставници во Брисел, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини рече дека е потребно сите политички сили во земјата да работат заедно и конструктивно на реформската агенда.