Нема логика за формирање на уште едно министерство

Архивска фотографија- зградата на владата на Северна Македонија

Седум пратеници преку два предлог закона бараат формирање ново Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Експертите велат дека во тоа нема никаква логика и предупредуваат на користењето на Охридскиот рамковен договор како флоскула за отворање вакво министерство.

Осумнаесет години по потпишувањето и спроведување на рамковниот договор, се бара посебно министерство за неговото спроведување. Пратениците Јован Митрески од СДСМ, Зеќир Рамчиловиќ од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Панчо Минов кој ја напушти коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и Артан Груби, Џеват Адеми, Ејуп Алими, Реџаиљ Исмаили од ДУИ до Собранието поднесоа предлог закон за основање ново Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

Во предлогот, тие образложуваат дека има потреба од такво министерство “заради функционирање на државата во делот на работите поврзани со политичкиот систем, спроведување на Охридскиот рамковниот договор и принципите кои произлегуваат од договорот како и унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците во Република Северна Македонија”.

Јован Митрески, кој е координаторот на пратеничката група на СДСМ и еден од предлагачите, вели дека трансформацијата на сегашниот Секретаријат за рамковен договор во министерство извира од извештајот на Европскиот мировен институт и препораките на ОБСЕ. Митрески тврди и дека новото министерство немало да значи и дополнително оптоварување на државниот буџет.

“Не, нема да има други финансиски импликации, нема да има нови вработувања, нема да има дополнителни трошоци во смисла на тоа нови простории за нови вработувања”

РСЕ: Значи нула денари ќе се потрошат буџетски за формирањето на ново министерство?

“Да”

Според Драган Гоцевски, професор на правниот факултет Јустинијан Први нема никаква реална потреба од формирање на ново министерство. Тој вели и дека секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, како владино тело, има поголеми ингеренции во однос на набљудување и координација на спроведувањето на договорот отколку што би имало едно министерство. Секретаријатот има надредена улога, а министерството ќе биде еднакво со сите други така што и да му се дадат законски можности во правна смисла не е можно да ги координира, објаснува професорот од катедрата за Административно право и јавна администрација.

“Нема логика, ниту емпириска, ниту никаква. Вака на прв поглед изгледа како да сакаат да го регулираат работниот однос на 1700 луѓе кои земаат плата а немаат реални работни места”, вели Гоцевски.

Со години вработени според рамковниот договор земаат плата без да одат на работа оти државата нема создадено работни места за нив. Но, прашањето што дополнително се отвора е колку суштински, освен за евентуалното создавање на работни места, е потребно министерство за рамковен договор толку години по неговото потпишување.

“Спроведувањето на Охридскиот рамковен договор треба да престане да се користи како флоскула затоа што тој е интегриран, тој е дел од Уставот, тој е дел од позитивното законско право на оваа држава и нема потреба некој повеќе да се грижи за координација на неговото спроведување ”, вели Гоцевски.

Инаку владата сега сосе премиерот има вкупно 26 члена и 15 министерства, а другите 11 владини функционери се вицепремиери без министерство, или министри без ресор. Пред да дојде на власт, од опозиција СДСМ ветуваше намалување на бројот на министерства на 20. За споредба Словенија ,која е речиси колку Македонија има вкупно 17 члена на владиниот кабинет, a Косово кое е слично по бројот на жители има вкупно 15 члена на владиниот кабинет. И Македонија, од 1946 година до 1998 годинаимаше 14 министерски ресори.