Дефицитот на стручни занимања и неусогласеноста на потребните вештини со образовниот систем се проблем кој го има државата во последните неколку години, вели Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција.
Согледувајќи ги потребите на компаниите кои работат претежно на територијата на општина Гази Баба, но и пошироко, од квалификуван кадар, и недостигот на работна сила, Центарот за меѓуетничка толеранција преку едукации, обуки и преквалификации заедно со општината работат на подигање на свеста кај младите по завршување на образованието тие да се вработат во компаниите во Македонија.
Димовски очекува да им помогнат на компаниите кои работат во металската и електроиндустрија да обезбедат стручен кадар со тоа што учениците уште за време на своето средно образование ќе бидат подготвувани за работа во конкретна компанија.
Видете и ова: Пад на бројот на запишани студенти во МакедонијаНа овој начин, според Димовски, компаниите нема да губат време и финансии во едукација на новиот кадар, а учениците може да се чувствуваат сигурно дека по завршувањето на нивното средно образование ќе се вработат во компанијата во која се стекнале со пракса за време на своето средно образование
„Со дел компании и ученици веќе потпишавме договори кои по завршување ќе се вработат веднаш, преквалификуваме невработени кои се водат како невработени во Агенцијата, кои сакаат да се преквалификуваат итн. Ќе ви кажам пример. Во моментов ФАКОМ има потреба од 140 луѓе за заварувачи во Италија кои ќе имаат две ипол илјади евра плата. Тоа не е за занемарување. Но, немаме луѓе, нема таков квалификуван кадар. Ние сега преквалификуваме за да им излеземе во пресрет на компаниите“, вели Димовски.
Интересот меѓу учениците за стручно образование зесега е мал, додека претприемачите се повеќе заинтересирани, додава тој.
Димовски очекува учениците кои учествуваат во дуалното образование да ги промовираат неговите вредности и да ги мотивираат и другите да учествуваат во него.
Тој посочува дека во средното училиште „8 Септември“, каде што струките претежно се од машинската индустрија - машински техничари, интересот за запишување е многу мал.
„Во „8 Септември" во мината година се запишаа 16 ученици, 3 во македонска и 13 во албанска паралелка, тоа е премногу малку. Затоа почнавме кампања средните училишта да стартуваат сo презентации во основните училишта и општините. Целна група ни се и родителите. Да им се објасни дека е потребен среден стручен кадар на пазарот на трудот и оти тие ќе се вработат веднаш кога ќе завршат“, вели Димовски.
Мал интерес за запишување ученици има и во средното училиште „Михајло Пупин“ со електро струките - електро техничари, и во средното училиште АСУЦ „Боро Петрушевски“ каде што има авто- механичарски струки итн. Тие можат во целост да одговорат на потребите и побарувањата на повеќе бизнис компании.
Претриемачите укажуваат дека основна цел на едукациите треба да биде унапредување на капацитетот на учесниците во стручното образование низ јакнење на партнерствата со стопанството, со цел поефикасно обновување на системот на стручното образование.
Трајан Ангелоски од компанијата „Ариље Метал“, која се занимава со изработка на машински делови, објаснува дека е неопходно да се намали разликата меѓу знаењето и потребите на пазарот на труд. Тој посочува дека во металската индустрија постои огромен дефицит од квалитетно обучен кадар.
„Било каков кадар можеби може да се најде, но квалитетно обучен нема никаде. Формално доаѓаат со дипломи, но практично не може да одговорат на барањата и губиме шест месеци да ги обучиме. Проблем е што ученици од стручните училишта не се носат во фирми на пракса или се носат на 15 минути во кои невозможно е некој да биде обучен“, вели Ангелоски.
Тој дополнува дека стратегиски интерес на секоја фирма која сака да има раст е да инвестира во квалитетен кадар и посочува дека најдобар модел има Германија, каде што младите од средните училишта доаѓаат на обуки во компаниите.
Видете и ова: Пет отсто од директори и членови на одбори со средно образованиеДимовски вели дека со преквалификацијата и едукацијата опфатени се металската и електроиндистријата, но има потреба да се вклучат и други занимања.
„Во Алкалоид во моментот требаат 65 средношколци, хемиски техничари, фармацевтски техничари кои да ги има утре ќе се вработат. Сите избегаа од државата или отидоа на факултет. Ние имаме 150 луѓе на список претежно млади, но има и постари кои немале работа, започнуваме со нивни обуки зависно од потребите од компаниите. Имаше пред три месеци оглас во една од компаниите за заварувачи, не се јави ни еден зашто ги нема. И тие што беа машински инженери се преквалификуваа во заварувачи, се јавија машински инженери“, вели Димовски.
Тој посочува дека во моментов компаниите најмногу имаат потреба од средношколски кадар од повеќе струки меѓу кои заварувачи, ракувачи на градежна механизација, оператори и програмери на ЦНЦ машини, бравари, котлари, водоинсталатери, електро- техничари, електричари, хемиски техничари, месари, пекари, ѕидари, фармацевтски техничари, медицински техничари и ИТ техничари. Од високообразовните кадри пак, најголема потреба има од машински инженери, електроинженери, технолошки инженери, лабораториски био инженери, хемиски инженери, доктори по општа медицина, фармацевти и информатички инженери.