Во време кога невработеноста бележи високи цифри, многумина сопственици на бизниси во Тетово имаат потешкотии да најдат работен кадар. На голем број дуќани има истакнато огласи дека се бараат продавачи, а има недостиг на таксисти, конфекционери, работници во производство, односно претежно вработувања со средна стручна подготовка.
Работодавачите сметаат дека причините се во незаинтересираноста на луѓето за одредени зaнимања, ниските плати како и тоа што голем број работници заминале во странство по подобра егзистенција.
„Во нашава бранша има недостиг на работен кадар. Ние работиме градежна браварија и ситна галантерија од ковано железо, кровни конструкции, огради за балкони, врати. Или не сакаат да работаат младите или бегаат. Претпоставувам дека одат во странство за подобри услови, за поголема плата. Да си ја пробаат среќата. Овде капацитетот е толкав колку што ни е. Значи јас не можам да платам 400-500 евра работник, немаме толку сила моментално“, изјави Велибор Јакимовски, сопственик на семејната фирма Веле Метал.
„Реално уште се наоѓа работници, не е толку страшно ама очигледно од ден на ден оди полошо и полошо. Причините се затоа што во Македонија се ниски платите и другото, Европа отвара врати за работници од Македонија. Во Германија прават работни визи до три години и во други држави. Секој ден заминуваат млади за подобар живот и за повисока плата“, вели Арбен Абдурахмани од компанијата Везе Шари.
Миле Бошков, претседател на бизнис-конфедерација, инаку здружение на работодавачи, за да се надмине состојбата, смета дека сопствениците со подобри плати треба да ги задржат, пред сè добрите работници.
„Проблем и со самата мотивација. Релативно платите или минималната плата во Македонија е на одредено ниво кое очигледно не ги задоволува потребите на граѓаните на работниците, така што на некој начин ќе мораат работниците и работодавачите да разговараат за оригиналната компензација, односно за стандардната и пристојната плата. Тоа е многу важно. И на некој начин би можеле да кажеме дека работниците заминуваат и луѓето заминуваат да најдат подобра иднина во странство, особено поради задоволството и стандардот кој го имаат тука. Мора компаниите да знаат дека добар работник мора да биде добро платен“, смета Бошков.
Од друга страна, Арбен Абдурахмани од Везе Шари оценува дека државните мерки се тие кои ќе ја подобрат ситуацијата.
„Решение тука може само државата да најде и тоа да биде минимална плата да се качи на повисоко ниво да не им се исплаќа на младите луѓе да одат во странство за подобар живот“, вели Абдурахмани.
Од 13 илјади лица кои се водат како невработени во тетовско, најголем дел, речиси 10 илјади, се граѓани со основно и најмногу средно образование и стручна квалификација.