Невладините организации во соработка со надлежните институции ќе ги обучуваат младите луѓе, кои се евидентирани како корисници на социјална помош или доаѓаат од семејства кои се корисници на социјална помош, сами да почнат да заработуваат. Искуствата од слични проекти покажуваат дека овие млади луѓе се демотивирани да ги посетуваат обуките поради недоверба дека ќе им помогнат да најдат работа, но има и такви кои немаат можност да дојдат до местото каде што се изведува обуката, бидејќи немаат пари за превоз.
„Од искуството досега има зголемен интерес на почеток, но како поминуваат деновите паѓа бројот на луѓе. Има многу фактори, но и многу од нив работат на црно, а евиденирани се како корисници на социјална помош и ова е системски проблем“, изјави Зоран Илиески од невладината Сега, раководител на проектот.
Како што изјавија од Коалицијата на младински организации Сега, која го промовираше проектот „Отворена врата за младите од младите“, целта е да го охрабрат учеството на ранливите групи на млади на пазарот на трудот преку градење на нивни вештини.
Илиески зборувајќи за можностите за кариерно насочување на младите, со цел нивно вработување, изјави дека предвидено е да се реализираат обуките со младите луѓе во Скопје, Битола, Штип и Прилеп преку сет на обуки. Тој посочи дека нивни обучувачи ќе ги изготват билансите на компетенции на младите луѓе и ќе работат на нивно насочување каде да го бараат своето работно место во согласност со компетенциите.
„По обуките во рамките на проектот ќе обезбедиме практикантство на седум до осум млади од секој од градовите, кои ќе ги ставиме на пазарот на трудот, односно да влезат во бизнисите во согласност со нивните компетенции. Со тоа верувам дека кај најголем дел од младите за првпат ќе овозможиме да влезат на работа што ќе влијае на промена на нивните ставови и ќе се зголеми нивната самодовербата“, изјави Илиески.
Тој дополни дека планот е да бидат во соработка со Агенцијата за вработување, со тоа што на младите кои ќе влезат еден месец во компанијата да го продолжат практиканството уште три месеци.
Од Центарот за вработување изразуваат убедување дека подготовката за вработување на младите низ овозможување на практична работа во приватниот сектор, ќе влијае врз намалување на невработеноста, но дополнуваат дека и тие имаат мерки за вработување на вакви лица.
Според последните податоци, од Центарот корисниците на социјално помош месечно добиваат околу четири илјади денари помош.
Слободанка Алексовска од Центарот за вработување, изјави дека најважно е да се најде начин како да се мотивираат овие млади луѓе да ги посетуваат обуките и да излезат на пазарот на трудот.
„Во моментот сите невработени лица кои сакаат да ги користат им се достапни мерките на практиканстство каде 28 лица преку оваа можност ќе бидат опфатени и ќе добијат практична работа во соодветна компанија. Услов е да имаат минимум средно образование. Практиканството е соодветно на нивното образование и тие добиваат надомест од 5.200 денари“, изјави Илиевска.
Инаку младите во земјата се најранлива категорија на баратели на работа, со невработеност од 53,7 проценти измерена во 2010 година. Огромен дел се долгорочно невработени лица.