Ако побегнат од земјава пратениците Трајко Вељаноски и Љупчо Димовски, одговорноста за тоа ќе биде во судот, посочи денеска на брифинг претседателот на Собранието Талат Џафери. Според него одговорноста ја има судот затоа што тој, според законот за кривична постапка, треба да обезбеди присуство на сите осомничени и обвинети. Џафери на денешниот брифинг рече дека вчера до судот испратил известување дека во Собранието не биле создадени услови за симнување на имунитетот на пратениците од ВМРО- ДПМНЕ Трајко Вељаноски и од СПМ Љупчо Димовски за кои судот треба да одлучува дали да им одреди мерка притвор по барање на ОЈО.
Од Основниот суд Скопје 1 потврдија дека до нив е пристигнато известувањето, и дека денеска ќе го препратат до Обвинителство. Во соопштението е наведено дека според системот на крвично гонење во земјава, обвинителството е овластен предлагач на мерките за обебедување присуство, а Судот одлучува доколку за тоа се создадени услови, што за овој случај услов би бил одземен
имунитет.
„Сведоци сме дека за прв пат Собранието кое е надлежно да одлучува за имунитетот во законски утврден рок, не донесе одлуки, а со тоа го оневозможи Судот да одлучува за мерката притвор на пратениците. Затоа, неприфатливи се изјавите дека Судот ќе биде одговорен за одолговлекување на постапката, дотолку повеќе што Судот не може своеволно и спротивно на законот да определува било какви мерки за обезбедување доколку за истото не се создадени услови. Доколку обвинителството поднесе нов предлог поради нови или изменети околности, Судот веднаш ќе се обрати до Собранието и доколку навремено се добие одлука од Собранието, веднаш ќе постапи“, се вели во писменото соопштение на Основен суд Скопје 1.
Истрагата за двајцата пратеници не зависи од пратеничкиот имунитет, но зависи само мерката затворски и куќен притвор.
Во однос на прашањето за Димовски, тој рече дека седницата тогаш ја прекинал затоа што немало доволен број на пратеници од мнозинството кои би гласале „за“ одземањето на имунитетот. Џафери посочи дека негова надлежност е да има обезбедено кворум за работа, но се грижи и за потребите на мнозинството при гласањето затоа што е дел од пратеничкото мнозинство.
Видете и ова: Кој е виновен за „имунитетот“ на Вељаноски?Џафери на брифингот одбегнуваше да одговори на новинарските прашања поврзани со односите во коалицијата поради последните случувања и последиците на реформите од нив затоа што тоа биле политички прашања а тој како што вели, е претседател на Собрание, а не лидер на партија.
Видете и ова: Во тензична атмосфера прекината седницата за имунитетот на ВељаноскиОд друга страна пак, во однос на случувањата во Парламентот на денот на гласањето за имунитетот на Вељаноски, Џафери им објаснуваше на новинарите дека правно немал што да стави на гласање затоа што немало Заклучок од Комисијата за мандатно имунитетни прашања туку само извештај, според кој, комисијата не зазема став затоа што во Комисијата односот на гласовите „за“ и „против“ одземање на имунитетот бил 4:4.
Но, не одговори ни што сакал да прочита пред пратениците кога истекуваше рокот за гласање пред да ја прекине седницата. Само повтори дека причините за прекинот на седницата биле поради однесувањето на пратеникот од СДСМ Мухамед Зеќири. Пратениците од СДСМ пак, тоа го негираа, тврдејќи дека Џафери не требало да им ја одземе можноста со гласање да се изјаснат за пратеничкиот имунитет на Вељаноски.
Тој посочи дека во иднина со помош од правни експерти ќе иницираат измени на Деловникот за да не им се случува ваква пракса од како што вели правната недореченост.
Во неделата тензичната атмосфера во Собранието се вжешти на три минути пред полноќ, кога требаше да истече рокот за одлучување за пратеничкиот имунитет на Вељаноски. Претседателот на Парламентот Џафери пред да прочита за што ќе гласаат пратениците му даде процедурално збор на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски па ги исклучи микрофоните, по што имаше расправија со дел од пратениците од СДСМ и налутено ја затвори седницата, заклучувајќи дека поминал рокот.
Додека во случајот на Димовски, десетина дена откако ја прекина седницата поради немање кворум, го извести судот дека не биле создадени услови за одземање на неговиот пратенички имунитет.