Достапни линкови

Кој е виновен за „имунитетот“ на Вељаноски?


СДСМ и ДУИ се обвинуваат, Вељаноски со имунитет
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:02 0:00

СДСМ и ДУИ се обвинуваат, Вељаноски со имунитет

Пратениците од СДСМ и од ДУИ цел ден си ја префрлуваат вината за тоа кој е виновен за неуспешно завршената процедура за одземање на имунитетот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски. Сепак, се тврди дека владината коалиција е стабилна.

Седум изјави за три часа си разменија политичарите од владиното мнозинство и опозицијата. СДСМ и ДУИ си ја префрлуваат вината за процедурите за одземање на имунитетот на пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Трајко Вељаноски. Откако СДСМ најави дека нема да дојдат во Собранието поради немање услови во текот на денот, претседателот на Собранието Талат Џафери, од кого побараа одговори, вината ја префрли кај комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања и пратеникот од СДСМ Мухамед Зеќири.

“Седницата е прекината оти одмина времето за носење одлука, поради пратениците, особено поради пратеникот од мнозинството Мухамед Зеќири, тоа може да се потврди од снимките, обврска ми е да прекинам седница“, рече Џафери.

Зеќири негираше- категорично ги отфрлам тврдењата на Џафери дека сум причината поради која е прекината седницата.

“Прашање е дали Талат Џафери свесно одработи, односно Трајко Вељаноски да не се соочи со правдата”, рече Зеќири.

Обвинувањата за договори со ВМРО-ДПМНЕ провејуваа и во говорите на речиси сите пратеници, па додека Зеќири и претседателот на мандатно имунитетната комисија Павле Богоевски ги обвинија ДУИ за договор со опозициската партија, Артан Груби од ДУИ ги обвини СДСМ.

“Ништо од тоа што се случи синоќа, немаше да се случи ако претседателот на мандатно имунитетната комисија не се договореше со ВМРО-ДПМНЕ исклучувајќи ја ДУИ и со заеднички договор да ја стави на гласање во 21 часот без да не информира и без да не почека”, рече Груби.

И собранискиот спикер Џафери како виновник ја посочи комисијата која не донела одлука за имунитетот на Вељановски. Во саботата доцна вечерта телото со кое раководи Богоевски гласаше со четири гласа “за” и четири против откако на пратеникот од ДУИ кој е член на комисијата му се слоши, а неговата заменичка од истата партија од Гостивар не стигна.

„Јас во три наврати се обидов да ја добијам колешката Емине Асани. Немав потврда дека таа ќе дојде, ниту пак дека возило е испратено по неа“, вели Богоевски.

ДУИ стои зад целото ова сценарио, тврди пратеникот од Алијансата за Албанците Зијадин Села.

„Многу се фатени во корупција и криминал, но ако се има предвид дека Трајко Вељаноски е осомничен за 27 април, можно е да имаат и нешто за 27 април да се криe“, рече Села.

И покрај бурниот ден во владиното мнозинство Груби тврди дека коалицијата со СДСМ функционира најнормално.Премиерот Зоран Заев пак кој изрази “незадоволство и револт поради седницата за имунитетот на Вељаноски”, рече дека има мали несогласувања со коалицискиот партнер, но ќе се обиделе да ги решат.

„Овие слабости што произлегоа се нов момент. Имаме многу важни работи пред нас. Ќе се обидеме заеднички да ги решиме. Идејата за консензуален претседателски кандидат останува “, рече Заев.

Тоа што е извесно по случувањата во собранието е дека истече рокот за одземање на имунитетот на Вељаноски кој е осомничен за организирање на насилствата на 27 април 2017 година во Собранието.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG