Неделници - Непотизам и избори дома и во ЕУ

Неделникот Капитал анализира за непотизмот и вработувањето во државната администрација без усул. Фокус пишува за изборот на Гордана Силјановска – Давкова за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. А Глобус ги пренесува предвидувањата според кои изборите за Европскиот парламент, можат да ја променат политичката панорама во Унијата.

Капитал - Oваа власт може да се урне единствено самата себеси

„Oваа власт може да се урне единствено самата себеси!“ – резигнирано извикува авторот на уводникот во најновиот Капитал критички опсервирајќи ја појавата, всушност рак-рана на македонсково општество – непотизмот и вработувањето во државната администрација без усул, како што беше пракса со ВМРО-ДПМНЕ, сега најмногу од функционери и членови на актуелната власт СДСМ-ДУИ.

„Нема иднина оваа земја каде над 50 луѓе во моментот се гледаат на местото претседател на државата, а еден милион луѓе кројат планови како да влезат на работа во јавната администрација!... За каква перспектива на држава зборуваме ние?“ – прашува Капитал, па вели: „Она што не смееме да го заборавиме е ’груевизмот‘. Има Македонија капацитет да произведе такви ликови кои ќе малтретираат. Има некои и денес во оваа власт. А со оглед на тоа што Македонија е закачена на шините на евроатлантските интеграции, ... овој текст“ – поентира Капитал, има важност на предупредување, особено во момент кога некои поединци и во оваа власт пројавуваат груевистички стил на поимање на нештата и без јасна критичка мисла и став како да се решат длабоките македонски дефекти – право, корупција, подобрување на економската перспектива на земјата и креирање еднакви можности за развој на нејзините граѓани.

Фокус - Дали ВМРО-пастирска почнува да се враќа во реалноста?

„Дали ВМРО-пастирска почнува да се враќа во реалноста?“ – прашува авторот на уводникот во Фокус. Тема е изборот на Гордана Силјановска – Давкова за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Па вели дека целата изборна шарада во која е влезена професорката Силјановска „претставува само обид за правно да се заузда македонскиот наци-болшевизам, вежба да се припитомат шовинистичките ќосиња врз кои цела една деценија режимот на пастирот им вршеше лоботомија дека Македонија е само на Македонците по крв, православна вера и јазик, своевиден легалистички фејслифтинг на тврдокорната опција, која сепак останува единствено вредна за привлекување гласови за ДПМНЕ...“ Таа транзиција, се разбира, ќе оди постепено, а Силјановска е избрана во улога на обучен правен маѓепсник, епизодист кој треба да го премости овој тежок период за партијата што ја води Мицкоски, пишува Фокус.

Глобус - Западна Европа како опасност за Западниот Балкан

„Западна Европа како опасност за Западниот Балкан“ е насловот на не баш оптимистичката анализа во онлајн магазинот Глобус. Авторот на анализата ги наведува предвидувањата на познавачите на состојбите дека изборите за Европскиот парламент, што треба да се одржат во мај, можат да ја променат политичката панорама во Унијата, зашто се предвидува големо разместување меѓу либералните и конзервативните струи во светот и тоа на штета на левицата, што првенствено значи дека во нејзините институции би превладале претставниците на т.н. народни партии, практично креации на десницата, па дури и на онаа поекстремната, чиј изолационизам е доктринарен, односно претставува р’бет на нивното „вјерују“: дека сè што е лошо за европските перспективи и вредности доаѓа наводно од надвор, при што Западниот Балкан се проценува како еден вид „сива зона“, еден вид микс помеѓу Европа и Блискиот Исток, и дека, и покрај сè, кај нив преовладува ставот дека е подобро тие држави да си седат онаму каде што се и сега, во претсобјето или дури и во дворот на ЕУ. Како поткрепа на оваа теза, Глобус го цитира и текстот во американското бизнис и политичко списание Блумберг со наслов: „Национализмот во Европа фрла сенка врз процесот на ’лекување‘ на Балканот“. Досега Западниот Балкан важеше за извор на неволји на Континентот, но како да доаѓа спротивна ситуација: Западниот Балкан, пред сè нашата земја, која се надева на старт на преговорите за влез во европското елитно друштво, да стравува од настаните што се ројат во другиот дел на Континентот, најмногу во ЕУ! – заклучува Глобус.