„Златна рамка“ - прва филмска ревија на Друштвото на филмски работници

Вкупно 25 домашни остварувања произведени во минатата календарска година ќе бидат прикажани на „Златна рамка“, ревијата што под мотото „Влези во наш филм“ и во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија, ќе се одржи од 22 до 24 февруари во кино „Фросина“ во МКЦ.

Документарните „Песна на бекташот“ на Гоце Цветановски, „Патот на локумот“ на Елизабета Коневска, „Нациналност, вера, љубов“ на Сабедин Али, „Кобра“ на Игор Иванов... краткометражните „Без љубов“ на Дина Дума, „Готлиб“ на Крсте Господиновски, „Почеток“ на Агим Абдула, „Камена градина“ на Даријан Пејовски...анимираните „Кружно патување на монахот“ на Жарко Иванов и „Образец 16“ на Иван Ивановски и играните „Враќање“ на Кастриот Абдили и „Година на мајмунот“ на Владимир Блажевски се меѓу 25-те домашни остварувања што ќе бидат прикажани на „Златна рамка“, ново востановената ревија на македонски филмови произведени во текот на минатата година што како иницијатор и организатор ја потпишува Друштвото на филмски работници на Македонија. Манифестацијата чие мото е „Влези во наш филм“ ќе се одржи во деновите од претстојниот викенд, од 22 до 24 февруари, во кино „Фросина“ во Младински културен центар – Скопје.

На сите креaтивни остварувања, а особено на филмот кој претставува најкомплексна уметност потребна му е поддршката од својата публика. „Златна рамка“ се создаде поради фактот што најголем број на домашните филмови не се прикажуваат на редовен репертоар во кино салите и ова е одлична можност да се претстават пред нашата публика. Ваквиот начин на ревијално претставување на националната кинематографија се практикува насекаде во светот и е дел од поддршката и едукацијата на домашната публика за сопствената кинематографија. Исто така, публиката ќе има можност да ги проследи филмовите заедно со дел од авторите кои ги создале и да учествува во дискусиите што се предвидени после секоја програма, се наведува во соопштението од Друштвото на филмски работници на Македонија објавено во пресрет на ова прво издание на ревијата чии амбиции се да стане традиционална средна на овдешните филмаџии.

Сцена од филмот „Година на мајмунот“ на Владимир Блажевски

„Влези во наш филм“, или ако милувате „Влези во македонски филм“, е мотото на ова случување кое има двојно значење. Сакаат и филмаџиите да кажат „Влези во наш филм“ за да се види подобро колку е сложен тој процес на работа. Дека ете се направи филмот, а се заборава дека на пример дека зад еден да речеме краток филм чие времетраење е „само“ 15 минути стои еден процес од цели три години работа. Од подготовката на сценариото, па преку снимањето и се до монтажата и колку луѓе се вклучени во неговата реализација. Едноставно да се приближи тој процес на создавање на филмот до публиката. Тоа е идејата на филмаџиите“, вели Ана Василевска, уметничкиот координатор на „Златна рамка“, новинар и истражувач на македонскиот филм.

Таа ќе биде водителка и на тркалезната маса која ќе се одржи в недела на тема „Нема кинематографија без филмска критика“ и на која ќе се дискутира за влијанието на филмската критика врз развојот на кинематографијата.

„Нема никакво сомнение дека критиката е нераскинлив дел на една кинематографија. Тоа не само што е медиум со којшто филмот треба да стигне до публиката, туку е и суштествено препознавање и вреднување на нечие дело. Секој еден текст направен во својство на осврт, критика, рецензија, е своевидно парче кое е дел од таа приказна на филмот врз која се темели“, истакнува Василевска.

Во дополна координаторката појаснува дека трибината е осмислена за да го разбуди вниманието посебно на младите колеги кои ќе успеат да ги видат поголемиот дел од филмовите и потоа да се произнесат за она што како впечаток останало во нив. Рецензиите ќе бидат разгледувани на тркалезната маса каде ќе се зборува многу за тоа каде се загуби филмската критика кај нас, колку во овој амбиент филмаџиите се одвикнаа од моментот на критичност и зошто нивните реакции притоа се повеќе лични и така со ред.

Згора на ова во делот на работната програма на „Златна рамка“ е предвидено да се одржи презентација на МЕДИА деск Македонија со цел да можат филмаџиите да се запознаат со начините и можностите за аплицирање во овие фондови, а на половина од ревијата, в сабота во 21 часот, Друштвото на филмски работници на Македонија ќе додели почесни награди за филмските професионалци- за најдобар филмски автор, филмски актер и филмски работник.

Конечно, за публиката и посебно за верните љубители на домашниот филм, да нагласиме и тоа дека ревијата „Златна рамка“ не е од комерцијален карактер и дека за сите проекциите влезот во кино „Фросина“ е слободен.