Достапни линкови

„Медена земја“ со апел за фер искористување на човечките ресурси


По трите награди на „Санденс“, македонската премиера на документарецот „Медена земја“ ќе се случи во август на фестивалот „МакеДокс“. Дотогаш филмот ќе ја има и својата глобална дистрибуција и ќе патува по светот пренесувајќи ја универзалната порака за зачувување на човековата околина.

Ова не е филм за пчели. Можело да бидат дрва, птици, риби или што и да е.

Ова меѓу другото, на првата средба со македонските медиуми по освојувањето на трите награди на престижниот фестивал на независен филм „Санденс“ во САД , ќе го рече Љубо Стефанов, кој заедно со Тамара Котевска го режираше „Медена земја“ или „Honeyland“.

„Тоа што ние го прикажуваме во филмот, значи принципот на искористување на медот кој Атиџе го употребува е универзален и тоа е всушност универзалната порака која ова дело меѓу другото ја праќа. Филмот има повеќе слоеви, меѓутоа таа суштинска порака е за фер искористување на природните ресурси. Не е важно дали е тоа мед, иако во случајов тоа е мед“, смета Стефанов.

Неговата колешка Котевска со појаснување дека на почетокот мислеле да снимат еден краток документарец за зачувување на природата околу реката Брегалница и сè што се подразбира за нејзините стари текови. Селото Бекирлија, како што вели, „се наоѓа на работа на стариот тек на реката и токму поради тоа е опустошена целата територија бидејќи нема вода и луѓето си одат од таму.

Затоа потрагата започнала како истражување за да потем дојдат до дивите пчелари, нешто за кое што Стефанов и снимателот Фејми Даут веќе имале одредено искуство од порано. Преку пчеларите стигнале до Атиџе, инаку сестра на еден од нив.

Биле фасцинирани од таа жена и од начинот на којшто живее. Тамара и со дополна дека Атиџе едноставно е филмски лик и дека од првиот момент им ставила до знаење дека и се исполнила животната желба „да биде снимена од камера како талка по ридовите“.

Разбирливо со неа веднаш воспоставиле комуникација, за да дури потоа во тек на тригодишната работа на „Медена земја“, некако постепено, дури во последните шест месеци од снимањето, допрат и до втората фамилија и ја стокмат приказната од некаде над 400 часови снимен материјал.

„Целиот филм, од почетокот од што тргна и во што прерасна, се случи многу спонтано. Сите со своите предлози и идеи го надградуваа и буквално од еден краток документарец кој требаше да биде само исклучиво можеби некаков опис на таа средина „Медена земја“ прерасна во една вистинска човечка приказна која носи силна порака“, вели Тамара.

Режисерката и со дообјаснување на принципот на „пола-пола“ кој го применувала Атиџе во собирањето на медот. Истакнува дека таа на почетокот и не им го кажала тоа, туку дека тие забележале оти таа прави некаков чуден гест оставајќи ја едната половина од најдениот мед.

„Нормално е дека ние бевме шокирани зошто го прави тоа и почнавме да ја прашуваме. Ни изгледаше како некаков ритуал. Ги гледавме првите направени снимки и се прашувавме што е со овој ритуал... зошто Атиџе ја остава едната половина. За да потем истражувајќи дојдеме до сознанието дека тоа е клучното нешто на кое треба да се базира целата наша порака“, тврди Котевска.

Атанас Георгиев, монтажер и продуцент на „Медена земја“, во контекст на универзалната порака на филмот и нивната заложба и практично да им се помогне на Атиџе и останатите протагонисти, најнапред со констатација дека „документаристите ги сметаат за лоши луѓе бидејќи тие своите херои ги користат како реквизити“. Тој вели дека станува збор всушност за една голема дебата во документаристичкиот свет „дали треба немо да се набљудува и потоа да се тргнеш од нивниот свет или, пак, некако да интервенираш внатре“.

За нив во овој случај „првата опција и не била опција“, па затоа иако помагале уште од самиот почеток на снимањето потем се решиле да направат и нешто повеќе. На Атиџе и обезбедиле мал скромен дом во најблиското село каде што има цивилизација, струја, вода...всушност најосновното што на еден човек би му требало. Го оставиле и џипот што го користеле на снимањето. Згора на тоа решиле да застанат зад една донаторска акција, а секој за својата донација симболично да добие една мала тегличка органскиот мед од регионот. И сè со цел не да им помогнат толку на самите медари, туку да се обидат да ја променат средината во којашто тие живеат. Седумте, сега веќе осум деца да не дозволат да растат онаму каде што се нашле. Да обезбедат средства за нивно школување.

„Без разлика на тоа што и на планетарно ниво пренесовме една порака нам ни беше многу битно и на локално ниво да се делува некако. Нормален човек секогаш бега од една таква средина. Луѓето бегаат од различни причини, ама кога ќе се загрози животната средина веќе нема избор. Се надевам дека тоа ќе допре не само до политичарите којшто имаат инструменти да го спречат тоа, еве владата има инструмент да делува, туку и до сите граѓани да имаат на ум дека без чиста животна средина ќе нема ништо. Тоа беше таа порака којашто беше значајна не само за фестивалот „Санденс“, туку и овде за нас, за цела Македонија, апелира Георгиев.

Инаку, по триумфот на годинашното издание на престижниот филмски фестивал „Санденс“ („Sundance“), македонскиот документарец „Медена земја“ („Honeyland“) ќе се прикажува во кината во Северна Америка, како. Така делото на Котевска, Стефанов, Георгиев, Даут и Љума, застапувано од „Сабмарин ентертеинмент“ (Submarine Entertainment), деновиве потпиша договор со американската компанија за производство и дистрибуција на филмови, „Неон“, која ги откупи правата за прикажување на македонскиот филм во Северна Америка. Оваа компанија најави дека остварувањето ќе се прикаже во 15 од топ 50 пазари на континентот, вклучувајќи ги и Њујорк, Лос Анџелес и Сан Франциско.
Згора на ова како што најави екипата, филмот ќе има две затворени проекции на 12 и 13 март во скопското кино „Милениум“ . И она најбитното - за пошироката јавност „Медена земја“ ќе биде премиерно прикажан на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, што се одржува во август. Вреди да се чека и особено силно да се актуелизира универзалната порака што ја носи филмот - да ја чуваме човековата околина.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG