Достапни линкови

Култура сега! - граѓански крик на Фестивалот ДримОН


Со програма сочинета од концерти и перформанси, книжевни промоции, филмски проекции, театарски претстави, ликовни изложби и бројни работилници и дискусии, под мотото „Култура сега!“, од 25 до 29 јули, во Струга, во организација на Иницијативата за независен културен активизам ИНКА, ќе се одржи шестото издание на Фестивалот за процесирање култура ДримОН.

Го сакам ДримОН оти е куќа полна љубов. Атом на позитивна енергија. Јадро на искрени културни работници. Уметничко сокаче во струшко маало. Шлаг на торта на независната културна сцена. Капка убавина во сивило. Го сакам ДримОН и заради мирисот на реката Дрим кога навечер дува ветре... и заради отвореното срце на Летната сцена... и заради жарта во очите на организаторите. Го сакам ДримОН оти е трло на сонувачи. Заедница која гради нови генерации.

Ова ќе го запише Ана Јовковска, во пресрет на почетокот на шестото издание на Фестивалот за процесирање култура ДримОН и промоцијата на својата книга „Ехо на слободата“ на првиот ден од оваа манифестација. И, што е поважно, нејзиното претставување оди рака под рака со детската работилница Балон Арт, откривањето музејски тајни – Разбојот и праисторсикото ткаење, со промоцијата на Македонската рок енциклопедија чиј приредувач е Тошо Филиповски, со ликовната изложба на Антони Мазневски, филмскиот маратон на МакеДокс и Работилницата за демократизација и децентрализација на јавните простори и јавните добра преку нов модел на институции и јавно-цивилно партнерство на ЈАДРО.

И, внимавајте ова е само првата петтина од досега најсилната програма која ќе се одвива од 25 до 29 јули на Фестивалот кој на овој начин високо се издига над (под)просечноста на сета охридско-струшка крајезерска културна понуда годинава. Во прилог на ваквото (некому неумесно) тврдење само уште неколку извадоци од листата на настани. На ДримОН 2018 ќе се случат книжевните промоции на комплетното творештво на писателот Димитрие Дурацовски што како издавач го потпишува Темплум, на „Одбројување“ на Фросина Пармаковска – роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“, на едицијата „Лифт“, изложбата на плакати од кампањата КУЛТУРА СЕГА, потем и оние на уметниците Миле Ничевски и Никола Радуловиќ, инсталацијата на Антонио Пирковски и видео арт проектот на MOTUS LUMINA, прикажувањето на театарската претстава „Бог на масакрот“ во режија на Нела Витошевиќ и продукција на Народен Театар Штип, воведот во театар на сенки и работилницата што ќе биде крунисана со претставата „Малиот принц“ на театарот „Сенки и облаци“, концертите на Горан Трајковски, Lincoln Letter, I tpame I tvrame, Ensh, Sergio Lounge, проекцијата на „Исцелител“ и разговор со неговиот автор Ѓорче Ставрески, промоција на новата програма на „Лице в лице“ - СЕНС, работилницата за современ танц со Александар Георгиев и Дарио Бардам насловена како „Додека кореографијата остануваше заглавена јас надвор танцував“ и така со ред.

Од таму не чуди кога Кристина Тодороска Петреска од Иницијативата за независен културен активизам знае да каже дека шестото издание на ДримОН се создавало „во соработка со клучните гласови од независната културна сцена, кои се заслужни за идејата да се превртат концептите на културните политики и да се постават нови постулати и стандарди насочени кон врвност, современост и европска вредност“. Конечно не е тајна и тоа дека по петте години во кои Фестивалот генерално почиваше на ентузијазмот на поединците собрани околу ИНКА и разбирањето на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, дојде време кога тој е поддржан од Министерство за култура, преку годишниот конкурс за интердисциплинарни проекти, како и од фондацијата Отворено општество Македонија, за проектот „Заедничка платформа за култура – култура до сите“.

„Фестивалот созреа доволно за да биде препознаен. Ние сме упорна екипа којашто верува во успехот на ДримОН и во потребата од еден ваков фестивал. Веројатно она што пред пет години беше спонтана идеја на стружани се одржува сè уште и оваа година доста богата програма. Другиот дел останува на публиката. Да дојде и да ја проследи таа програма и заеднички да заокружиме уште едно добро издание на оваа манифестација во Струга“, вели Тодороска Петреска.

Појаснувајќи го годинешното мото „Култура сега!“ таа со забелешка дека случувањето има дискурзивен карактер и дека секоја година се трудат да испратат порака до надлежните, до јавноста за различни социо-културни потреби. Дополнува дека за нив локалниот проблем со културен проток ним им е една константа. Затоа гледајќи, пак, дека сега всушност се поаѓа кон трансформирање на културните политики преку доста ентузијастичната Стратегија за култура до 2022 година каде што се зборува за деметрополизација, за јакнење на институциите, за јакнење на независниот сектор, за охрабрување на интеркултура и слободна уметничка експресија, сметаат дека треба сè уште да го држат жешко тоа прашање и да посочат на некои проблеми кои со децении ја газат културната приказна на Струга. Културниот континуитет.

„Веруваме дека сме регион со богато наследство којшто може да се издигне на културните мапи. Порано одевме на панаѓур во Калишта или на други селски собиранки еднаш во годината, а сега панаѓурот го имаме среде струшката чаршија константно. За сметка на тоа културниот туризам е во сенка и задолжение, ќе кажам, само на неколку ентузијасти. Убедена сум дека можеме да гледаме и читаме поубава приказна за Струга натака и се надевам Стратегијата ќе се спушти на локално ниво и тие културни цели зацртани во неа можат да се материјализираат, да се опредметат и да ни се случи нешто што со години го чекаме“, категорична е Кристина Тодороска Петреска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG