Бев скептичен, но откако го гледав се убедив дека гласините кои се ширеа на „Санденс“ за македонскиот документарец „Медена земја“ се вистинити. Овој документарец е совршен колку што еден документарец би можел да биде.
Ова ќе го каже веднаш по премиерата на „Honeyland“ познатиот филмски критичар од „Скрин Интернешнал“ - Ентони Кауфман. Со слични оценки во медиумите и на социјалните мрежи и неговите колеги кои уште за време на проекцијата ги бележеле своите импресии за филмот.
Така, Шери Линден од престижниот „Холивуд Репортер“ во својата рецензија пишува: „Во оваа ера на кризи на изумирање, загрозени природни живеалишта, безобѕирно профитирање, а да не зборуваме за работата на Одделот за внатрешни работи на Трамп, „Медена земја“ раскажува приказна со универзален одглас, дури и кога открива заборавено место, кое е толку специфично и необично, што повеќето современи луѓе од западниот свет никогаш не би можеле ни да го замислат“.
Згора на ова со позитивни коментари веќе се огласиле и Крис О'Фалт од „Индивајр“, Ерик Хајнс од „Филм комент“, Соња Епштајн од „Слоан сајанс енд филм“ и други, а бележито е дека „Медена земја“ безмалку и да доминира на листата сочинета од прикажаните дела на „Санденс“.
И чисто колку за потсетување, „Медена земја“ („Honeyland“) македонскиот документарец што како автори го потпишуваат Љубо Стефанов и Тамара Котевска, е во официјална конкуренција на престижниот фестивал за независни филмови „Санденс“ во категорија со уште 11 други документарни филмови од целиот свет. Покрај режисерите, на премиерата на „Санденс“ присуствуваа и продуцентот и монтажер на филмот, Атанас Георгиев, и снимателите Фејми Даут и Самир Љума.
Тие, видно задоволни од приемот на документарецот и од следот на настаните, од Јута ја испратија и заедничката изјава за медиумите во земјава.
„Исклучително рафинираното чувство за препознавање на уникатниот документаристички филмски јазик и повеќеслојноста во овој наратив беше провокација за публиката која по премиерата, во минутите определени за прашања и одговори, настапи со огромна љубопитност и многу комплименти и според еден од организаторите на „Санденс“, ова е еден од ретките документарци на фестивалот, воопшто, на кој целата публика останала на „прашања и одговори“ по филмот“, истакнуваат членовите на екипата.
Инаку, интересно е и тоа што веднаш по премиерата бил организиран и промотивен настан за „Медена земја“ („Honeyland“) во Парк Сити, на којшто бил дегустиран автентичниот мед, собран од Атиџе – главната протагонистка во филмот, како и македонски висококвалитетни вина.
На манифестацијата, чие годинашно издание се одржува од 24 јануари до 3 февруари, ќе следуваат уште шест проекции на македонскиот документарец, четири во Парк Сити и уште две во Солт Лејк Сити.
„„Санденс“ е најголем американски фестивал на независен филм и еден од најпрестижните во светот, на ниво на фестивалите во Берлин, Кан, Венеција и други. Ова е првпат македонски долгометражен документарен филм, со мнозинска домашна копродукција, да влезе во конкуренција на „Санденс“ и токму поради тоа е од големо значење за македонската кинематографија“, вели продуцентот на филмот Атанас Георгиев.
„Медена земја“ раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во едно напуштено село во централна Македонија. Главната идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушувањето на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси.
Зад музиката на „Медена земја“ („Honeyland“) стојат членовите на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ Студиос“ (DB Studios) од Бејрут. Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија.
Кон ова само уште информацијата дека „Медена земја“ годинава го очекуваат презентации на уште неколку значајни светски филмски фестивали. Премиерата во Скопје ќе се одржи на почетокот на март, а детали околу датумот и местото на одржување ќе бидат соопштени по враќањето на екипата од САД.