По низата реакциите во јавноста за конкурсот за проекти од национален интерес на Министерството за култура на површина излегоа и проблемите со кои се соочуваат културните работници. Министерството за култура и Владата не испраќаат сигнали дека се грижат за решавање на најгорливите проблеми во културата и треба да се водиме од програми, а не од проекти и од институции, вели театарскиот режисер и професор на факултетот за драмски уметности при УКИМ, Зоја Бузалковска во интервју за Радио Слободна Европа кое целосно ќе го емитуваме в недела.
Одговорност, мора да има, но мора да се промени и моделот на одлучување за тоа каде ќе завршуваат парите на граѓаните, бидејќи одлуките кои се носат на крајот ќе бидат партиски или политички, додава Бузалковска.
„Се додека некој не признае дека направил некаква грешка тогаш и добрите решенија и лошите решенија ќе бидат инцидент нема да бидат систем. Се додека буџетските средства не бидат доделувани врз основа на добри резултати од доброто работење на тимовите раководени од стручни, компетентни лица. Се додека во министерството не седат исто такви компетентни лица коишто навистина ќе знаат за што и кого станува збор во одлучувањето ние нема да имаме подобрување на оваа слика во културата“, вели Бузалковска.
Националната стратегија за култура во која се дефинирани критериумите, професионализацијата, департизацијата и децентрализација на моќта на која работеа многу луѓе од секторот не профункционира и ништо од тоа не се спроведува, вели Билјана Танурова Ќулавковски од Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“. Меѓу препораките, според неа, било и редифинирање на конкурсот, како и донесување на нов закон за култура.
„Јас не мислам дека имаме остварување на она што договоривме дека ќе биде национална стратегија за култура, односно култура за сите според критериуми коишто ќе ја дефинираат или на некој начин ќе ја акцентираат професионализацијата на секторот“, смета таа.
Културата е тотално маргинализирана на секое ниво, додава Танурова Ќулавковски.
„Со овие тотално лоши решенија се гледа дека нема никаков офкус на културата, а ние видовме што ни се случи поради тоа што се манипулираше со културата изминатите 11 години. Тоа долгорочно ќе се одразува. Немање култура. Немање фокус на културата ќе се одразува на сите следни генерации. Таа е една од главните општествени столбови без која што вие не сте општество. Како да немате душа и ќе станете робот, машина наречена и конструирана како општество“, посочува таа.
Собранието во мај, минатата година ја донесе Националната стратегија за развој на културата 2018-2022 година.