„Обоена љубов“ на Маја Андонова - Јокиќ во НЛБ Галерија

Педесеттина дела, акрил на платно, настанати во последниве три години ја чинат „Обоена љубов“, втората самостојна изложба на Маја Андонова - Јокиќ, што од 6 до 25 февруари ќе се одржи во НЛБ Галерија во Скопје.

Сликарството за мене е нешто што емотивно многу значи, ме исполнува и е сосема различно од она што го правам преку ден и од мојата професија. Вака Маја Андонова - Јокиќ ја почнува својата приказна во пресрет на отварањето на нејзината втора самостојна изложба што ќе се одржи од 6 до 25 февруари во НЛБ Галерија во Скопје.

Станува збор за поставка која следува нецели три години од премиерното претставување насловено како „Внатрешно патување“ кое се случи на 16 мај 2016 година во Кинотека на Македонија и која сега на виделина ги вади делата што настанале во меѓувреме. Така, во „Обоена љубов“ како што ја именувала изложбата, таа пред скопската ликовна публика и пред домашната културна јавност се претставува со педесеттина слики, акрил на платно, кои го следат нејзиниот визуелен ракопис, но се и еден вид исчекор натаму во нејзините потраги започнати поодамна.

Инаку, родена на 4 мај 1980 година во Скопје, Андонова - Јокиќ по професија е економист чија пасија и љубов е сликарството.

„Во моментот кога ќе дојдам во допир со боите, четката и сликарското платно не постои ни иднина, ни минато. Постои само сегашност и тоа е мојата најголема експресија и љубов. Затоа всушност , бидејќи делата се работени во различни временски периоди, изложбата ја нареков „Обоена љубов“. Така на најразлични начини, преку сликите, се изразува мојата љубов“, вели Маја Андонова.

Во каталогот за поставката проф. М-р Тамара Попов, потпишана како „љубителка на уметноста“, пишува: Маја не е минималист, напротив. Во ова мачно тивко време на пригушени гласови, таа катарзично и несебично, но и доста храбро, како гејзер експлодира со бои, нешто налик уметнички оргазам не шокира со онаа убавата и заборавена реалност. Во нејзините слики вешто се комбинираат оние старомајански линиии од народната уметност, мислиш се ѕвериш во огромен тотем што се протега до небото, со Пикасови профили, но со малку поостри агли.

А, во контекст на сопствените потраги на полето на уметноста Андонова - Јокиќ, која патем има учествувано на повеќе групни претставувања, знае да каже дека таа го користи секој момент и секој малку простор што и се отвора како на автор. Дополнува дека работи на проекти и мурали (патем нејзините мурали може да се погледнат во Градската библиотека „Другарче“ и во ТЦ Зебра во Скопје), а дека голем број од нејзините слики има по домовите на вљубениците во уметноста во земјава и посебно во странство.

„Голем дел од моите претходно настанати дела се надвор од Македонија. Некако повеќе луѓето што не живеат во земјава, странците, го препознаваат оној порив и љубов во мене отколку другите. Дали е тоа случајност или едноставно начин на препознавање, но тоа е моменталната состојба“, истакнува таа.

Маја згора на ова живее во надеж дека еден ден ќе се случи сликарството да и биде основната професија.

„Верувам дека човекот е најсреќен кога го работи она што го сака. Ако тоа што го љуби може да го реализира, тогаш не е битно колку се вложува и колку трае процесот. Јас овде говорам за моето сликање, за сликарството. Знам така со четките и боите да заглавам до раните утрински часови и после да станам одморна и расположена. И така да тргнам на работа. Без оглед колку и да се вложам во сликата, таа енергија мене ме полни“, смета Андонова - Јокиќ.

​Од друга страна, прашана дали ќе и беше подобро, повозбудливо, полесно...ако го изодеше целиот академски пат до сликарството, уметничката заробена во костум на економистка одговара дека можеби и вака е подобро за неа. Дека вака е по слободна во начинот на изразување.

„Токму поради тоа што го немам академизмот имам чувство дека сум по слободна во начинот на изразување. Секоја чест на академските сликари и следење на правила и стилови, не велам дека тоа не треба да се научи, да се оди во тој правец...ама јас имам чувство дека кај мене е поголема слободата затоа што ова што излегува, излегува од внатре. Од мојата душа. А не како што треба да биде по правила, принципи и она што го кажува школото. Секогаш велам дека кај нас има прекрасни луѓе, творци, академски сликари од кои со задоволство би учела ...Еве Константин Качев и Васко Ташковски едноставно ме воодушевуваат со тоа што го работат. Тоа се луѓе коишто на некој начин ми се инспирација. Исто така од академските сликари посебно ја почитувам Жани Гелевска, која како човек во нејзиното излагање ми шири љубов, енергија и позитивизам“, појаснува Маја Андонова - Јокиќ.