Достапни линкови

Владимир Темков - Кавадарци е град ателје


Шеесет дела создадени минатото лето ја чинат изложбата „Лет во место“ со која сликарот на радоста и светлината Владимир Темков, во галеријата при Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци од 18 јануари, одбележува два значајни јубилеја – четири децении творештво и 60 години живот.

Со над 70 самостојни изложби и учество во повеќе од 200 групни поставки како и бројни ликовни колонии во земјава и во странство, Владимир Темков му припаѓа на кругот на плодни македонски ликовни творци кои достојно ја презентираат не само својата уметност, туку и воопшто македонската култура насекаде во светот. И, токму „сликарот на радост и светлина, на она што го зрачат боите како божествена супстанција, која најубаво ги изразува тие содржини и расположенија на човековата душа, како што би рекол поетот Ефтим Клетников, на 18 јануари го започна одбележувањето на своите два значајни јубилеја – четири децении творештво и 60 години живот.

За таа цел тој, во галеријата при Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, на тамошната ликовна публика, бројните пријатели и воопшто на македонската културна јавност, им понуди 60 дела настанати во текот на минатата година и заокружени со еден наслов „Лет во место“.

Говорејќи за својот потег Темков знае да каже дека во Европа овој тип на јубилеи ги одбеележуваат во „семејна атмосфера или полујавно“, но дека тој се решил тоа да го стори потполно јавно и за своите 60 години да понуди исто толку дела. Да го покаже своето „тргнување и враќање во едно место“. Односно да каже дека Кавадарци е дестинацијата од која што тргнал како автор и каде што сега ги одбележува своите четири децении творештво.

„Јас во 1980 година, инспириран од делото на Горан Стефановски, направив една слика која исто така ја крстив „Лет во место“. Насликав една птица, стилизирана птица, која се обидува да полета во височините арно ама бидејќи беше графички решено сето тоа изгледаше како да стои, како да не лета. Сега кога се навраќав на моето творештво и кога дојдов до таа слика тој ист наслов наново ме возбуди и одлучив овој нов циклус да го наречам „Лет во место“. Згора и мене лично многу ме погоди смртта на нашиот великан Горан Стефановски и воопшто не размислував со кое име ќе биде заокружено сето тоа. А, тука е и клучниот момент за циклусот. Во секоја слика се појавува птица која што лета во височините, а тоа беше и дамнешната моја желба – некогаш да полетам и од високо да ги погледнам нештата што се случуваат. Јас верувам дека и секој човек барем еднаш во животот посакал да полета, да биде птица и од горе, од височините да го види сето она што се случува на земјата. Ете од тие причини го нареков овој циклус „Лет во место“, истакнува уметникот.

Тој и со дополна дека оваа изложба во родното Кавадарци е само „загревање пред настаните што допрва доаѓаат“. Оние неколку претставувања што треба уште во првата половина од 2019 година да му се случуваат. Имено, некаде пролетва, Владимир Темков најнапред ќе треба да ја реализира својата голема изложба во Академијата на науки во Белград, потем со своите нови дела ќе треба да патува во Турција и на Кипар, а нешто потоа и во Париз и Њујорк.

„Ние во уметничките кругови велиме дека 40 години творештво е тамам време кога треба вистински да почнеме да се занимаваме со уметност. Се* до сега она што сме го работеле е почетна фаза за она што треба да се случи после овие четири децении творештво бидејќи во ликовната уметност, нели, крајната граница за сликање и за покажување е смртта. Се додека си жив нешто работиш и нешто покажуваш. Крајна граница не постои“, смета Темков.

Говорејќи за инспирациите, за природата, за формите и боите кои фасцинираат, за трепетите и расположенијата на својата душа...авторот со забелешка дека неговото сликарство не би можело да вирее надвор од даденото опкружување, од топлите бранови на Тиквешијата.

„Сите теми коишто ги употребувам во моето сликарство, светлоста, сонцето, жешките бои, врелиот колорит се одлика на тиквешкото сонце, на Кавадарци, на кавадаречкиот пејсаж. Јас како човек во животот имав неколку можности, неколку начини, да заминам од Кавадарци и да живеам во некој од поголемите центри, но врзан за кавадаречкиот пејсаж, врзан за пријателите во Кавадарци, за роднините останав дома. Голем дел од пријателите ме прашуваат зошто сум останал, голем дел од новинарите го сторија истото сега на отворањето на изложбата...беа љубопитни кој беше мотивот што Темков не замина некаде во некој центар а јас им кажав дека Кавадарци е град ателје. Значи место кадешто творам. Целиот град е едно големо ателје и само тука се чувствувам слободен. Тука се чувствувам широк и можам да творам. Сите мои убави ликовни претставувања ги правам со многу народ, со многу луѓе, со многу пријатели. Тоа истото не би можел да го сторам на друго место. Затоа Кавадарци останува трајната инспирација во моето творештво“, вели Владимир.

Како последно камче од мозаикот за јубилејот на кавадаречкиот автор, во средината на февруари, се очекува и појавата на неговата книга во која Темков ги претставува своите размисли за уметноста. За начинот на кој тој слика, за боите, инспирациите...За неговото детство и повеќе децениското творештво. Сето она што го ставил на хартија но, за жал, не успеал како објава да го заокружи навреме.

„Би било тоа една убава поука и убава лекција за младите генерации коишто сакаат да се занимаваат со сликарство. Преку оваа книга насловена како „Мојата убава уметност“, со поднаслов „Слики во зборови и зборови во слики“, тие ќе можат не само да го запознаат моето творештво, туку и да го имаат пред себе начинот на кој јас размислувам во делот на ликовната уметност. Оваа книга ќе содржи и триесеттина репродукции од мои дела историски поврзани со годините во кои јас сум творел. Мислам дека промоцијата на ова книга или, ако сакате, нејзиниот роденден ќе се случи во средината на февруари, на оној наш убав празник Свети Трифун кој кавадарчани го слават како Ден на виното, љубовта и грозјето“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG