Кумановци во март ќе ја добијат првата катна гаража

Се гради катна гаража во центарот на Куманово.

Од опозицијата велат дека ќе се добијат само 40-ина нови паркинг места, што според нив ниту е практично, а ќе немало ниту позитивни ефекти. Градоначалникот, пак, вели дека со катната гаража двојно ќе се зголеми паркинг просторот и ќе се намали сообраќајниот метеж.

Во март годинава кумановци ќе ја добијат првата катна гаража од монтажен тип, лоцирана во самиот центар на градот, на паркингот непосредно до малиот градски плоштад и Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.

Со овој монтажен објект вреден 13 милиони денари без данок на додадена вредност, на простор од околу илјада и двесте метри ќе се добијат 40-ина паркинг места, што според градоначалникот Максим Димитриевски двојно ќе се зголеми паркинг просторот и ќе се намали сообраќајниот метеж. Поставување на овој објект е овозможено со одлука на мнозинството советници во општинскиот Совет.

Опозициониот блок не го прифатил предлогот, а меѓу некои од запрашаните граѓани мислењето е поделено.

Драган Петковски советник од ВМРО-ДПМНЕ вели дека за добивање само 40-ина нови паркинг места ниту естетски, ниту практично ќе има позитивни ефекти.

„Се нагрдува центарот, се затвора погледот кон плоштадот, се затвора видикот кон центарот за култура. Но, локалната власт така одлучи“, вели Петковски, а и дел од запрашаните граѓани се со слично мислење. Иако сите се согласуваат со тоа дека треба да се надмине проблемот со сообраќајниот хаос, катни гаражи се потребни, но некаде подалеку од центарот.

„Со поставувањето на катната гаража сообраќајниот метеж воопшто нема да се намали, зашто само два ката ќе бидат, што не е значително зголемен бројот на паркинг места. Естетски воопшто не личи, ми се чини ќе биде како чир во централното градско подрачје. На пример, можело да биде на паркингот кај „Чоробенско ќоше“, во центарот, а сепак вовлечено во внатрешноста.“

„Сообраќајниот метеж ќе се намали секако, повеќе возила ќе се паркираат, а естетски како ќе изгледа ќе видиме кога ќе ја направат.“

„Нема да се намали метежот, премногу возила има во Куманово. Грдо ќе изгледа, тоа треба на страна, не во центарот на градот.“

За овој објект Димитриевски вели дека е сериозна инвестиција и дека вакви проекти се реализираат во Европа. Според негови сознанија таму вакви катни гаражи се двојно и тројно поскапи, но во Куманово среќа било што изведувачот е фирма која во Македонија брка референца.

„Навистина верувам дека ќе добиеме импозантна монтажна катна гаража која што ќе го разубави центарот на градот и нема да создаде дополнителен метеж во сообраќајот, туку ќе го растовари паркирањето во ова централно градско подрачје, за скромни средства. Од моментално постоечката состојба бројот најмалку ќе се дуплира, а покрај тоа во фаза на преговори сме во состав на гаражата конечно да се изгради и јавен тоалет за овој дел од градот“, вели Димитриевски.

Објектот во процесот на монтирање е еден од трите ветени од актуелниот градоначалник. Останатите две катни гаражи треба да се изградат на паркинзите зад станбено-деловниот објект „Су-Ма“ и зад Централна кооперативна банка.

Инаку, изградба на катни гаражи најавуваа и претходниците на Димитриевски, дури и пред две децении, на сосема други локации. Тие проекти не беа реализирани од најверојатно објективни причини, а Куманово остана да се задушува во секојдневно зголемување бројот на возилата.