Достапни линкови

Паркинг просторот во Куманово останува проблем


Од „Куманово-паркинг“ велат дека бројот на паркинг местата е недоволен за намалување на проблемите со паркирање. Граѓаните велат дека владее сообраќаен хаос.

Локалното јавно претпријатие „Куманово-паркинг“ во Куманово функционира според своите надлежности и настојува колку е можно да се уреди паркирање на приватните автомобили во центарот на градот. Меѓутоа, како што вели директорот Фадиљ Шабани, ако ги прашате граѓаните тие ќе ви речат дека владее сообраќаен хаос. Според него, свои обврски и надлежности има и сообраќајната полиција.

Ми пречи тоа што станари од други згради се паркираат пред нашата, а ние немаме каде. Паркираат каде ќе најдат. Еве, не можат ниту пешаците, ниту еве учениците да поминуваат. Не знам до кога ќе биде вака.
Анкетиран граѓанин.

Запрашаните кумановци се едногласни во своите забелешки за непрописно паркирање, што по некоја логика е и нормално, оти се има впечаток дека низ сообраќајниците поминуваат повеќе возила одошто пешаци. И тротоарите насекаде се паркиралишта, така што пешаците се принудени на егзибиционизам.

РСЕ: Дали во Куманово се почитуваат правилата за паркирање?

„Не. Тоа зависи од нашата култура, односно некултура.“

„Не. Никако.“

„Ми пречи тоа што станари од други згради се паркираат пред нашата, а ние немаме каде. Паркираат каде ќе најдат. Еве, не можат ниту пешаците, ниту еве учениците да поминуваат. Не знам до кога ќе биде вака.“

Така е секаде каде што не се обележени паркинг просторите, таму каде што се обележени кумановци веќе се навикнаа на плаќање за паркирање, вели директорот Шабани.

„Веќе поголем дел од граѓаните се дисциплинирани, иако има и такви кои се уште ги паркираат возилата непрописно. Меѓутоа, поголем дел се оние кај кои свеста проработува, па се надевам дека во Куманово во блиска иднина нема да има ниту сообраќајни казни за паркирање.“

Според Шабани за сега бројот на паркинг местата е недоволен за намалување на проблемите со паркирање.

„За сега останува само една зона со околу 500 паркинг места, кои не се доволни, но поради финансиската состојба на претпријатието „Куманово-паркинг“, не може да се прошири и на други зони.“

Тој додава дека кон крајот на 2016-та година се планира проширување. За реакциите од граѓаните дека паркирани возила има секаде каде што не треба, Шабани вели дека нивната реакција е основана, но тоа не е во надлежност на претпријатието.

„Надлежноста е на сообраќајната полиција, ние и служиме на сообраќајната полиција со нашиот „пајак“ , ги расчистуваме и тие делови на градот, секако со асистенција на полицијата.“

РСЕ: Знаете ли колку возила има во Куманово?

„Немам точна информација, но според она што се гледа се има впечаток дека имаме повеќе возила одошто жители. Тоа значи дека еден жител има по две-три возила.“

Малку има оптимизам во надминување на сообраќајниот хаос, оти сите кумановци колку и да се повикуваат на некултурно и несовесно однесување на возачите, се чини дека се капка в море оние кои стриктно ги почитуваат сообраќајните прописи. Сообраќајниците се главно тесни, градени во времето кога градот имал помалку жители и уште помалку возила, но за да кулминира сообраќајниот хаос свој удел имаат и секојдневни никнувања на новоградби со кои се узурпира секој сантиметар од сообраќајниот простор, така што разочараните кумановци немоќно коментираат дека во градот нема никаков ред, ниту пак безбедност во сообраќајот. Надлежните за издавање одобренија за градби за овој неред од на нив познати причини молчат, додека градот е под инвазија на градежна механизација и цемент.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG