Законот за спречување корупција со кој во земјава по речиси една година треба да профукционира Комисија за борба против корупцијата , со европско знаменце и по скратена постапка е пред пратениците.
До ова доаѓа откако Владата на вчерашната седница донесе одлука на Собранието да му предложи овој Предлог-закон да оди по скратена постапка и со европско знаменце со цел законот да се донесе што е можно побргу и за да се овозможи зајакнување на ефикасноста и независноста на Државната комисија за спречување на корупцијата и зајакнување на правната и институционална антикорупциска рамка за поефикасна превенција и борба против корупцијата.
Министерката за правда Рената Дескоска која го предлага Законот со европско знаменце побара да се гласа по скратена постапка.
„ Ја знам дека има пратеници кои се плашат од храбрите решенија во Законот, но на следните претседателски, а можеби и парламентарни избори треба да имаме антикорупциска комисија која ќе ги следи регуларноста на изборните кампањи и трошењето на буџетските пари во тој период“ рече Дескоска.
Македонија со месеци нема Антикорупциска комисија откако во март минатата година членови на Комисијата си поднесоа оставки по ревизорски извештај кој покажа дека ненаменски потрошиле буџетски пари.
Видете и ова: Професионалци во борбата против корупцијата во МакедонијаНајголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ со амандмани бара измени на новото законско решение. Од таму неколку пати кажуваа дека имаат забелешки, преточени во 27 амандмани кои сметаат дека се во согласност со препораките на ГРЕЕКО. Некои од клучните забелешки се и за начинот на кој ќе се контролира финансирањето на партиите.
Портпаролт на ВМРО ДПМНЕ Наум Стоилковски денеска ни изјави дека не смее да донесува по скратана постапка закон со толку големо значење за демократијата за една држава.
„На сила се турка, по скратена постапка, многу важен закон кој се однесува на разрешување коруптивни скандали во момент кога опозицијата посочува на скандали поврзани со власта. Ние бараме и за избор на членови и на претседател да важат исти критериуми, а не да се црта профилот на претседател на антикорупциска по желба на власта“ изјави Столковски
Дополнително од ВМРО ДПМНЕ бараат да има усогласеност на законот со други важечки закони кои се однесуваат на ревизија на финансирањето на кампањите и политичките партии и дополнуваат дека тоа го прави Заводот за ревизија и оти не може да го прави и антикорупциската. Стоилковски вели дека ,исто така, решението треба да се усогласи со Законот за банки, притоа тврдејќи дека не бегаат од контрола на сметките. За нив е проблематично и тоа што власта сака физички лица да имаат можност да пријавуваат нерегуларно финансирање на политички партии. Според ВМРО ДПМНЕ тоа значи отворање можност една политичка партија преку своето членство да ја закочи работата на антикорупциската комисија.
Видете и ова: Европските реформи на јуришОд СДСМ пак, деновиве ги оценија како неевропски амандманите и барањата на ВМРО-ДПМНЕ за измените на предлог законот. Од таму сметаат дека тие се само во насока од старт да се намали моќта на идната комисија, ефикасно да се бори против корупцијата
Антикорупционерката Вања Михајлова, која е и поранешен член на Државната комисија за спречување на корупцијата вели дека не е хендикепот тоа што ваков закон се носи без подрша на опозицијата доколку таа го оптсруира решението без оправадана причина.
"Нивните барања се неприфатливи, законот се носи да ги отстрани недоследностите, да се испитаат и банкарските сметки, да ги контролира партиите и финансирањето, да има поголеми надлежности во испитување на имотот, што значи да се побараат податоци и од други институции. Не гледам зошто да не се донесе ако некоја партија инсистира на работи кои се апсолутно неприфатливи" изјави Михајлова.
Од Министерството за правда деновиве рекоа дека законот е веќе одобрен од Европската комисија, а причина зошто има европско знаменце е практична. Со тоа, од владата се надеваат дека повеќе нема да може да се одолговлекува неговото носење и ќе биде реално да се фати рокот, имајќи во предвид дека се ближат претседателски избори, а би било ризично тие да се организираат без комисија која ќе треба да се бори и против корупцијата во самите партии, односно кој и како ги финансира.
Од министерството за правда деновиве брифираа дека предложените амандмани од опозициската партија имаат за цел и во иднина комисијата која ќе се бори против широко распространетата корупција да биде практично со врзани раце, а особено кога ќе треба да открива и спречува корупција во политичките партии. Од правда рекоа дека со новиот закон антикорупционерите ќе имаат повеќе овластувања да се занимаваат и со имотот на функционерите, нешто што според нив им пречи на ВМРО-ДПМНЕ.
За Владата исто така не е прифатливо барањето или амандманот да не може секој да поднесува пријава за корупција. Власта е на став дека тоа мора да биде така, а за ова добиле позитивно мислење и од Европската комисија. Ако се прифатат овие амандманите и нова комисија нема да може ефикасно да се бори против оваа појава, сметаат од владата.
Инаку, со ова решение владата предлага сосема нов систем на избор на членови на антикорупциската. Место како досега, собранието, односно политичарите, анти корупционерите ќе се избираат на јавен оглас кој ќе го распише комисија во која ќе членуваат претставник од народниот правобранител, невладините организации и по двајца од власта и опозицијата
Новиот закон за разлика од стариот предвидува новите членови досега да не биле дел од антикорупциска, да немале политичка функција во Владата или Парламентот, ниту пак да биле донатори на политичка партија во последните 10 години, како и да имаат повеќе од 12 години искуство во борбата против корупцијата.
Од Владата наведоа дека со Предлог законот се врши усогласување со правото на ЕУ во областа на правосудството и фундаменталните права, а инкорпорирани се и препораките на ГРЕКО, на експертските извешати и на извештаите на ЕК за напредокот на земјата од 2015 и 2016 година.
Борбата пртотив корупцијата, заедно со реформата на правосудството и на разузнавачките служби, е една од областите кои Македонија треба да ги испорача за да добие одлуката за старт на преговори од страна на ЕУ во јуни оваа година.