Достапни линкови

Професионалци во борбата против корупцијата во Македонија


Антикорупциска комисија нема со месеци, бидејќи се чека на новиот закон, кој предвидува построги критериуми во изборот на членови. Со тоа, според дел од упатените, Комисијата ќе има членови со интегритет, но други велат дека е потребна реформа на целиот систем.

Државната комисија за спречување на корупција не функционира од март, откако нејзините членови поднесоа оставка поради нерегуларности во нивното работење по што беа и разрешени од функцијата од страна на Собранието. Но, прашање е колку построгите критериуми за избор на нови членови навистина ќе донесат вистинска борба против корупцијата, пред се, кај функционерите на актуелната власт.

„Има штета од нефункционирањето на комисијата, но од друга страна дали воопшто имаше и полза од нејзиното работење, вели Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси Интернешенл. Во таквите институции, според неа, најголема улога играат личностите, поединците кои треба да бидат луѓе со интегритет за да може таа институција соодветно да функционира.

„Е сега затоа го менуваме законот. Сега во законот се вградени многу цврсти брани кои ќе обезбедат таму прво да седнат луѓе кои се со интегритет, кои не се поврзани со политиката и луѓе кои што ќе бидат професионалци и ќе знаат што таму треба да се прави“, вели Тасева.

Новиот закон за разлика од стариот предвидува новите членови досега да не биле дел од антикорупциска, да немале политичка функција во Владата или Парламентот, ниту пак да биле донатори на политичка партија во последните 10 години, како и да имаат повеќе од 12 години искуство во борбата против корупцијата.

Но, според поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев, целиот систем кој се занимава со борбата против корупцијата треба да се реформира.

„Треба да се земе друг модел, друг начин на работи. Ова е само избери ме, зимај плата, седи си и врши работа. Тоа нема да биде добро. Изборот на нови членови на антикорупциска нема ништо да донесе, само нови трошоци за плати и патни трошоци. Тој систем е атрофиран, цел на ниво на цела држава. Судски, обвинителски и антикорупциски се тоа треба да се распушти и да се прави нов систем“, смета Илиев.

Тасева додава дека факт е оти Комисијата од 2007 беше инструментализирана. Институцијата, според неа, работеше само со прашања кои не задираа во работењето на власта. Но, сега интервјуто на кандидатите ќе се спроведува во Собранието и тоа ќе биде јавно.

„Тоа ги става кандидатите пред многу тешки услови. Прво треба да ги имаат сите квалификации и второ ќе мора да одговорат на прашања кои не се однапред определени од сите оние кои ќе учествуваат во интервјуто. Тие прашања може да бидат лични, да задираат во личниот интегритет, претходното работење и познавањето на областа. На тој начин сите ќе знаеме кои ќе бидат членови на комисијата и кој ќе биде претседател, кој ќе се бира во посебна постапка. Кога ние не успеавме да биде таа институција независна претходно, сега тоа цврсто го ставаме во закон за да се обезбеди. Комисијата ќе има и други надлежности од оние до сега и се надеваме дека ако има капацитети, ресурси и буџет, како и луѓе со интегритет ќе успееме повторно да ја издгинеме борбата со корупцијата на некое повисоко ниво“, додава Тасева.

И покрај тоа што Комисијата не функционира граѓаните може да поднесуваат пријави.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG