Достапни линкови

Оставките чекор во борбата против корупцијата, но потребни се и санкции


Неказнивоста остава широка врата за корупција, за злоупотреби и за криминал, велат упатените по последните примери за наводни злоупотреби на пари на граѓаните од функционери и институции. Потребни се сериозни санкции, велат тие.

Членови на Државната комисија за спречување на корупцијата си даваат оставки еден по еден, по информацијата дека тие што треба да се борат против корупцијата се фатени во наводни коруптивни дејствија. Ревизија на УЈП покажала дека членови на Државната антикорупциска комисија неодговорно трошеле буџетски средства. Земале патни трошоци врз фиктивни или несоодветни налози, дури и во случаи кога не доаѓале на работа. Имало и злоупотреби на пари за закупнина на стан. За овој случај и Основното јавно обвинителство поведе постапка за можна корупција.

Од Државната комисија првин се бранеа дека не сториле ништо незаконско и дека сето ова е само за да им се направи притисок и да се оцрни нивната работа. Но, неколку дена потоа уследија оставките. Оставки од нив побараа пратениците од владејачкото мнозинство. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, посочуваат дека Македонија тоне во корупција и, како што велат, благодарение на владата на СДСМ се закопа на дното во Европа. Премиерот Зоран Заев по оставките на дел од членовите на Комисијата, изјави дека на земјата и треба сериозна Антикорупциска комисија.

Комисијата која ќе биде будното око на следење на извршната власт и на сè што има допир со народните пари“, рече Заев.

Неказнивоста остава широка врата за корупција

Санкции за прекршителите, промена на закони, цврста волја да им се застане на корумпираните на пат, професионални кадри во институциите кои се борат против корупцијата. Ова се само дел од предлозите на упатените по последните примери за наводни злоупотреби на пари на граѓаните од функционери и институции.

За да и се застане на патот на корупцијата, потребна е казнивост, вели поранешниот член на Државната антикорупциска комисија Ариф Муса.

„Без оглед дали тоа е прекршочна или кривична санкција, навистина да се гонат луѓето кои го прекршуваат законот. Граѓаните можат да се казнуваат за погрешно паркирање или за немање зимска опрема, а за големата корупција во институциите, преку набавките и перењето пари што ги прават високите функционери, ова веќе и врапчињата го знаат и никој ништо не презема. Неказнивоста остава широка врата за корупција, за злоупотреби и за криминал“, вели Муса.

Деновиве актуелно беше и информацијата дека спротивно на законот, ДУИ со државни пари си ја финансирале својата кампања. Државната изборна комисија го известила јавното обвинителство дека во 2016-та година ДУИ на своја сметка примила пари од јавните претпријатија - „Македонска пошта“, „Аеродроми на Македонија“ и „Македонски железници – инфраструктура“, што е спротивно на одредбите од Законот за спречување корупција и Законот за финансирање на политичките партии.

Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации вели дека проблемот лежи и во самиот закон и во неговото спроведување, односно санкционирање на прекршителите. Тој предлага да се ограничи или да се укине можноста компании да донираат во политички партии, а за граѓаните да се направи некоја симболична сума што може да ја донираат.

„Трошењето на огромни пари во кампањата, кои доаѓаат од компании, се голем извор на корупцијата, затоа што партиите што ќе победат на избори на кој начин ги враќаат тие пари на компаниите? Нормално се знае преку тендерите. Мислам дека треба да се промени регулативата и да се воведат посериозни санкции, посериозна контрола, и да се ограничи износот на парите што партија може да го потроши во политичка кампања“, вели Филков.

Претходно членови на Државната изборна комисија (ДИК) си поднесоа оставка откако во јавноста беше обелоденето дека си доделиле по неколку бонуси и плати, и за изборите кои не се одржаа. И од ДИК првин велеа дека не сториле ништо незаконско, правдајќи се дека ги заслужиле тие пари со тешката и стресна работа. Потоа се одлучија да ги вратат парите и на крај најголем дел од членовите си поднесоа оставка. Но петмина членови на ДИК ќе добиваат една година апанажа.

Имаше и премиер кога државни службеници потрошиле повеќе држави пари за патувања со авион со прва класа и за преноќувања во луксузни хотели.

Неодамна преставувајќи го извештајот за индекс на корупцијата, претседателката на Транспаренси интернешнл Македонија, Слаѓана Тасева рече дека проблемот со корупцијата во земјата и понатаму ескалира, а системот на заробена држава и понатаму опстојува, со што се оневозможува работењето на институциите задолжени за борба против корупцијата.

„Државната комисија за спречување на корупцијата и понатаму е немоќна да се справи со проблемите на судирот на интереси и контрола на имотната состојба на функционерите, Владата не успеа да ги востанови долго најавуваниот принцип на индивидуална одговорност, а одговорните за корупцијата и натаму се заштитени и недопирливи. На овој начин и понатаму опстојува систем во кој наспроти правото владеат интереси“, вели Тасева.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG