Достапни линкови

Законот не е доволен без политичка волја за борба против корупцијата


Законот може да помогне, но сепак не е доволен за борба против корупцијата, доколку политичките елити навистина не решат да се справуваат со корупцијата, велат упатените.

Законски решенија може да наметнат построги критериуми за избор на членови на Антикорупциската комисија и да ја направат постапката потранспаретна, но клучна работа за борбата против корупцијата е политичка волја, велат упатените, откако министерката за правда Рената Дескоска најави нов закон за спречување на корупцијата и нов модел на антикорупциска комисија, која ќе биде експертска, ослободена од какви било политички влијанија и која ќе има ингеренции навистина да ја врши својата работа онака како што треба.

Антикорупционерката Вања Михајлова, која е и поранешен член на Државната комисија за спречување на корупцијата, вели дека законот може да помогне, но дури и да се донесе идеален закон, без политичка волја нема ништо од борбата против корупцијата.

„Антикорупциската комисија престана да биде она што треба да биде, според критериумите и функцијата утврдени во законот, кога комисијата беше партизирана. Наместо независен експертски состав, онака како што пропишува законот, беа делегирани луѓе коишто повеќе ги бранеа интересите на партиите на власт, отколку да спречат корупција и да покренат предмети и постапки против функционерите од актуелната власт. Значи, кога престана да постои политичка волја за борба против корупцијата. Тоа е основниот мотив“, вели таа.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеноски, кој исто така беше дел од првиот состав на Антикорупциската комисија, вели дека се потребни некои дообјаснувања за надлежностите на комисијата, но оти и сегашниот закон не бил пречка за борба против корупцијата доколку имало волја.

„Јас очекувам, сега после ова, слободно би рекол, фијаско на работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, почнувајќи некаде од 2008-2009 година, да преовлада разумот кај членовите на Комисијата дека нивна основна обврска е спречување и борба против носителите на она што значи негативно. Да се надеваме дека најавите на министерката за правда за некој нов модел ќе биде давање можности за поголема активност, меѓутоа пак ќе нагласам, потребно е само политичка волја за Државната комисија доследно да си ја спроведе и да ја исполни својата надлежност“, вели Трпеноски.

Министерката Дескоска пред неколку дена најави дека нема да биде формирана Антикорупциска комисија според стариот закон, туку оти на есен треба да се донесе нов закон за спречување на корупцијата и да се избере нов состав на комисијата „која ќе има капацитет да ја врши својата функција“.

Инаку Македонија нема Антикорупциска комисија откако во март годинава членови на Комисијата си поднесоа оставки по ревизорски извештај кој покажа дека злоупотребиле народни пари.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG