Достапни линкови

Ревизорските извештаи никој не ги чешла


Државниот завод за ревизија укажа на бројни неправилности во финансиското работење на Министерствата за правда и за култура. Досегашното искуство покажува дека ревизорските извештаи досега биле само забава на народ. Ќе биде ли сега поинаку?

Илјадници, па и десетици илјади евра по кафеани, галантност во исплаќање плати и хонорари, иако нема доказ дека луѓето доаѓале на работа, полнење бензин во автомобилите како да се тенкови, сомнителни јавни набавки...

Ревизорските извештаи со години констатираат проблеми со трошењето на јавните пари во институциите, но се чини дека тие служат само како забава за народ. На прсти се бројат случаите кога имало некаква институционална реакција на овие извештаи.

Антикорупционерката Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнл Македонија вели дека треба да има и политичка реакција, но во деловите во кои има сомнежи за криминал, и рекација на Антикорупциската комисија и на Јавното обвинителство.

„Ние мораме да научиме дека тие не се извештаи само за народот да се соблазнува дека некој трошел пари. Најчесто медиумите известуваат за трошењата по кафеани, иако таму има многу посериозни наводи коишто укажуваат на неправилности во јавни набавки, преплатени фактури и незаконитости во трошењето и незаконитости во трошењата, што претставува индиција за сторени кривични дела“, вели Тасева.

Таа се согласува дека генералниот впечаток во јавноста е дека јавното обвинителство во изминатите години е пасивно по однос на овие извештаи.

„Мислам дека тоа е резултат на недостатокот на капацитет, но и на недостатокот на интерес во јавното обвинителство да се занимава со оваа работа. Единствени кои се занимававме со оваа работа беше првиот состав на Антикорупциската комисија коишто ги анализиравме овие извештаи и од нив доставивме неколку кривични пријави до јавното обвинителство. Меѓу нив се и случајот Национална платежна картичка, случајот Фершпед, случајот Бачило. Сите тие се произлезени од извештаите на Државниот завод за ревизија“, вели Тасева.

Поранешниот антикорупционер Ариф Муса вели дека во ревозорските извештаи има работа и за антикорупциската комисија и за јавното обвинителство.

„Другите органи се пасивни во овој дел. Ако се констатира дека има неправилности и има злоупотреба на положбата, тие треба да ја известат и Државната комисија за спречување корупција и преку неа да го упатат до обвинителството за да добие понатамошен правен тек“, вели Муса.

Медиумите пред неколку дена ги прочешлаа извештаите на Државниот завод за ревизија за финансиското работење на Министерствата за правда и за култура во 2016-та година. Извештаите покажуваат незаконски вработувања, ненаменски користења на службената картичка, спорни тендери, точење гориво во ист автомобил повеќе пати во денот, пробивање на роковите за јавни набавки, трошење пари без покритие, склучување договори во четири очи, делење проекти без критериуми...

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG