Достапни линкови

Обвинителството ревизија не го лази


Зградата на Основно јавно обвинителство во Скопје.
Зградата на Основно јавно обвинителство во Скопје.

Државниот завод за ревизија констатира неправилности во работата на државните инситуции, но сè останува на тоа, ретко кога останатите институции кои треба да утврдат дали е извршено кривично дело го казнуваат сторителот.

Ревизорскиот извештај во кој пишува дека вработените во Министерството за образование и наука направиле ненаменски расходи од 203,000 евра е последниот во низата во кои Државниот завод веќе неколку години детектира злоупотреби и оштетувања на државниот буџет.

Стручната јавност изразува загриженост зошто досега надлежните институции кои треба да бидат стожери на законско работење не утврдиле дали се извршени повреди на законот и во колкав обем. Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски е дециден дека проблемот е во Јавното обвинителство кое подолго време има незаинтересиран однос за повеќе наводи кои беа документирани и изнесени во медиумите.

„Кога има сознанија дека државен ревизор извршил ревизија, констатирал бројни повреди со кои е нанесена штета на буџетот и е прибавена материјална корист, Јавниот обвинител е тој кој по допрен глас или по доставен извештај треба да формира сопствен предмет и да почне со истражување. Ако ревизорот ја завршил работата, извештајот се доставува до службите, а еден примерок и до ЈО. Понатаму третманот на извештајот е во рацето на ЈО за да утврди дали е извршено кривично дело, кој е сторителот и во кој обем е нанесена материјална штета", вели Трпеновски.

Ана Јаневска Делева од Транспарентност Македонија укажува дека од моментот на објавување на извештаите на Државниот ревизор и нивното доставување до Јавното обвинителство процедурата трае долго. Таа укажува на игнорантскиот однос и на други надлежни институции кои треба да утврдат дали е извршено кривично дело и кој е сторителот. Експертите велат дека за истражување на наводите за злоупотреби потребно е поголемо вклучување и на органите на прогонот.

„Има законски решенија и има институции кои треба да ги спроведуваат законите. За жал тоа не се прави, со што се праќа порака дека оние што се на челните позиции во институциите може да продолжат да прават што сакаат. Ова не е добро за државата. Никој не казнува, иако висока институција како Државниот завод констатира злоупотреби“, вели Јаневска - Делева.

Таа посетува дека Државниот завод изминатиот период имаше укажувања за ненаменско трошење на парите од ИПА фондовите во Министерството за земјоделство, а беа констатирани проблеми и во Министерството за животна средина во врска со пари чие трошење не може да се оправда.

Трпеновски посочува дека Собранието е вистинската адреса пред која треба да се отвори прашањето зошто Јавното обвинителство(ЈО) не ги исполнува своите обврски кои му се дадени со законот за кривични постапки и кривичниот законик.

„Проблемот во ЈО не од сега туку од поодамна, што не ги следи состојбите за кои е надлежно да ги следи и да одлучува. Дали во одредени институции треба да отпочне постапка и против кого. Впрочем сите сме свесни дека формирањето на СЈО дојде како резултат на неисполнување на законските обврски од редовното ЈО. Во секој случај пред Собранието треба да се отвори ова прашњето - зошто ЈО не постапува по надлежностите? и тоа да даде оценка за неговата работа во одреден временски париод", вели Трпеновски.

Инаку по објавувањето на последниот ревизорски извешатј во кој пишуваше дека вработените во МОН направиле расходи од 203,000 евра за хотел, ручеци, такси превоз и сл, поранешниот министер Адеми рече дека се е работено според законот. Тој кажа дека парите кои се споменуваат во извештајот биле наменски потрошени.

Јаневска - Делева пак вели дека посочувањата за ненаменско трошење пари и оштетувања на буџетот веќе не се изненадување за јавноста, нагласувајќи дека проблем е што никој не е казнуван.

„Ја примивме информацијата не во толку голем шок за тоа како се трошеле пари во МОН, зошто на сите ни е јасно како функционираат институциите во Македонија во изминатите неколку години. Како и секој друг ивештај и овој ќе заврши до Обвинителство. Ниту Анти-корупциската не ја слушнавме и не го знаеме мислењето за овој случај и за други случаи кои се клучни“, вели Јаневска - Делева.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG