Фокус - Терсене држава
Две колумни во Фокус го привлекуваат вниманието со својот критички осврт врз некои потези на актуелната власт. За едниот колумнист ова е „Терсене држава“ зашто во неа „мораше криминалци и терористи и неизживеани националисти да се амнестираат со гнили компромиси и зорле да се трансформираат во псевдовизионери и квазиевропејци“.
„Бегство од безнадежноста и бесперспективноста“, илустрирана со фотографија на човек со торба што заминува некаде е насловена втората колумна во која авторот заклучува дека по којзнае кој пат, „голем дел од граѓаните се чувствуваат политички измамени и изманипулирани“ и дека „за нив политиката и понатаму остана ’курва‘, која не се води од никакви морални и пошироки општествени принципи, туку исклучиво и само од сопствените интереси за пари и власт“.
Како поука можеби може да послужи поентата од третата колумна во Фокус, дека „Како и демократијата, и правната држава не може само да се прогласи – таа мора да се изгради. Како и сè што е вредно во овој наш човечки живот“, пишува колумнистот, „патот до неа е долг и напорен: нè чека многу работа во 2019, ако сме спремни да посегаме по идеалот“, пишува Фокус.
Капитал – Влијанието на рестрикциите за челик на ЕУ врз македонските компании
Во најновото издание на Капитал, прво во оваа, 2019 година, неделникот повторно анализира какво влијание врз производството и извозот на македонските компании од челичната индустрија ќе има одлуката за рестрикции на ЕУ за увоз на челични производи, како дел од трговската „војна“ со САД, што првично требаше да траат до почетокот на годинава, но Унијата ги продолжи рестрикциите за увоз на тие производи до јули 2021 година. Македонија веќе предупреди дека нејзината челична индустрија ќе биде многу погодена од ваквите рестрикции, а премиерот Заев телефонски разговараше со претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер пред празниците на оваа тема. Европската влада засега не го коментира барањето на Македонија, но Капитал не очекува земјава да биде изземена од мерките. Извозот на челични производи од Македонија, инаку, учествува со 0,87% во увозот во Европа, односно се извезуваат вкупно 256 илјади тони челични производи. Мерките за рестрикција најмногу погодуваат шест големи македонски компании од челичната индустрија, сите рангирани меѓу најголемите 200 компании во земјава, наведува неделникот. Во македонската челична индустрија работат околу 3.000 луѓе, но покрај нив индиректно од мерките на ЕУ ќе бидат погодени дури 15 илјади ангажирани во поврзаните дејности, наведува Капитал.