Има ли 80 пратеници за усвојување на уставните амандмани?

Собраниска седница за уставни измени 9 јануари 2019 година

Седницата на Собранието на Македонија на која треба да бидат донесени уставните амандмани за имплементација на Договорот од Преспа со Грција продолжува денеска. Истовремено пред Собранието е најавено продолжување на протестите против договорот со Грција за името.

Има ли 80 пратеници за усвојување на уставните амандмани е главната дилема и пред ова продолжение на седницата за уставните измени кои треба да го отворат патот на Македонија за членство во НАТО и почнување на преговорите за членство во ЕУ.

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека сè уште се во разговори со БЕСА на Биљал Касами за изнаоѓање техничка формулација во однос на државјанството со цел обезбедување на потребните 80 пратеници за донесување на уставните амандмани.

„Беса е принципиелно поставена за ова прашање, како што се и осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, и се „први кои се за заштита на македонскиот идентитет“. Суштината на Беса е преку формулацијата на македонско/граѓанин на Република Северна Македонија да не се остави впечаток дека Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите и сите други во државата ќе бидат македонски. Тоа е суштината. Се изнаоѓаат техничките аспекти за решавање. Секако, државјанството е македонско и така и ќе остане. За тоа нема дилема. Беса не бара да се смени идентитетот или слично. Будното око на осумте пратеници токму тоа го прави, како и ние и останатите пратеници. Работиме да се изнајде решение за техничките формулации како државјанството за сите да биде македонско/граѓани на Република Северна Македонија, а сепак, Албанците и другите етнички заедници да не бидат Македонци“, рече Заев на прес-конференцијата по промоцијата на овластен економски оператор.

Тој додаде дека Македонците во државата не треба да се плашат дека некоја албанска партија или албански пратеник бараат да се загрози идентитетот.

Заев повтори дека вкупната бројка на пратеници кои ќе ги поддржат уставните амандмани ќе се знае во моментот на гласањето. Очекува тоа да се види уште денеска при гласањето за првиот амандман во Собранието.

Според процедурата, пратениците треба да го утврдат предлогот на амандманите кој се донесува со 61 глас, потоа донесување на амандманите, па прогласување на амандманите за кое е потребно 80 пратеници и дополнетиот прелог на Уставниот закон за спроведување на уставните амандмани, за што исто така е неопходно двотретинско мнозинство гласови.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Последна фаза уставни измени, протест пред Собрание

Вчера премиерот Зоран Заев образложувајќи ги уставните амандмани го повтори ставот дека со нив „се загарантирани македонскиот идентитет, македонскиот јазик, Македонец, и дека Грција еднаш за секогаш го признава нашето право на самоопределување“.

Од друга страна, за денеска, според соопштението на ВМРО ДПМНЕ, лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски пред седницата, зборувајќи пред Собранието, кажа дека пратениците од неговата партија нема да учествуваат на финалната собраниска расправа за уставните измени за да не му дадат легитимитет на целиот процес на менување на Уставот.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Мицкоски: Уставот се менува на сила

Потоа тој и дел од сопартијците вчера му се придружи на протетсот на „Тврдокорните“ и „Македонија блокира“, но одби да говори иако беше повикан од организаторите да зборува на бината.