Достапни линкови

Меркел во Атина и за Договорот од Преспа


Што значи посетата на Меркел на Атина?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:05 0:00

Што значи посетата на Меркел на Атина?

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска и утре во Атина ќе оствари средби со грчкиот државен врв, но и со претставници на опозицијата. Според дипломатски извори, Меркел решила да ја посети Атина за да му даде поддршка на грчкиот премиер Алексис Ципрас пред ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот парламент.

Посетата на германската канцеларка Ангела Меркел на Атина е во клучно време за премиерот Алексис Ципрас, кој е под закана од распаѓање на неговата коалициска влада доколку во македонскиот парламент биде ратификуван Договорот од Преспа за промена на името на Македонија.

Портпаролката на германската влада Мартина Фиц во петокот изјави дека не знае дали ќе се разговара за договорот за името, но истакна дека Берлин „го поздравува договорот и продолжува да се надева оти овој децениски спор ќе биде решен“.

Сепак, според некои дипломатски извори, Меркел решила да ја посети Атина за да му даде поддршка на Ципрас пред ратификацијата на договорот од страна на грчкиот парламент, но и да испрати порака дека грчката економија е на патот кон закрепнување.

Со оглед на тоа што Договорот од Преспа би можело наскоро да се најде и во грчкиот парламент се повеќе се заканува и распад на коалицијата меѓу „Сириза“ на Алексис Ципрас и „Независни Грци“ на Панос Каменос.

Тој долго време најавува дека ќе ја напушти владата кога Договорот од Преспа ќе стигне во грчкиот парламент.

Каменос деновиве интензивно со неговите соработници ги разгледувал идните потези во пресрет на ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот Парламент.

И додека дебатата продолжува околу тоа што ќе се случи ако помладиот партнер ја напушти коалицијата околу договорот за името, портпаролот Димитрис Ѕанакопулос во минатата недела изјави дека владата може да бара таканаречено „толерантно гласање“, кое ќе ја чува на власт се додека ја поддржуваат 120 пратеници.

Владата, исто така, е уверена и во обезбедувањето на 151 глас, потребни за ратификување на Договорот од Преспа.

Од друга страна, од опозициската „Нова демократија“ е повторено дека оваа партија нема да го ратификува овој договор ниту во актуелниот, ниту во следниот парламент во кој, како што е нагласено, ќе имала мнозинство.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG