Со седницата на комисијата за уставни прашања утре почнува третата фаза на уставните измени за чие финализирање повторно како и во првата фаза потребни се 80 гласа. Но, во меѓувреме, повторно се отворија дебатите за притисоци кон пратениците кои порано беа членови на ВМРО-ДПМНЕ и гласаа “за” во првата фаза.
Сè уште имам притисоци, вели за Радио Слободна Европа, пратеничката од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ Нола Исмајлоска- Старова нагласувајќи дека тие се ,пред се, на социјалните мрежи.
“Ми личи како и малку да е оркестрирано тоа, затоа што вообичаено таквите содржини се појавуваат на анонимни профили, а потоа се споделуваат од луѓе што ни се познати”, вели Исмајлоска- Старова не прецизирајќи од кого мисли дека се оркестрирани нападите.
Сепак таа е попрецизна за изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој викендов од протестниот марш во Велес имаше порака и за оние кои што застанале рамо до рамо со власта и кои како што рече, скокале по медиумите блиски до власта и дехидрирале со плукање по него и врз ВМРО-ДПМНЕ”.
“Нема да им помине затоа што ќе дојде денот кога и вие задно со нив ќе бидете разголени и разобличени пред судот на овој народ и ќе ве пратиме во темната страна на историјата. Од прв до последен”, рече Мицкоски.
Исмајлоска- Старова ваквата изјава вели дека е неточна од повеќе аспекти особено за тоа дека го напаѓале ВМРО-ДПМНЕ.
“Ваквите неумешни изјави го зголемуваат притисокот врз нас поради одлуката да гласаме “за” измени на Уставот”, тврди Исмајлоска- Старова.
Таа е една од осумтемина кои гласаа во првата фаза. Покрај неа “за” отворање на Уставот беа и пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Владанка Авировиќ, Емилија Александрова, Елизабета Канческа-Милевска и Зеќир Рамчиловиќ. Пред домовите на некои од нив беа организирани и протести.
Од Министерството за внатрешни работи на прашањето дали имаат информации за притисоци и дали е пријавено до нив велат дека согласно направените безбедносни проценки ги преземаат сите неопходни мерки за гарантирање на безбедноста на пратениците.
“Мерките ќе траат дури тоа биде потребно, а ќе се утврди според безбедносната проценка. Веќе се поднесени и кривични пријави за закани кон пратениците на социјалните мрежи, а ваквата појава ќе биде санкцинирана и во наредниот период. МВР ја гарантира безбедноста на сите граѓани и секако на пратениците”, велат од МВР.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар, пак, откако се сретна со пратениците од независната пратеничка група на Твитер напиша “сериозно е загрижен поради информациите за постојани притисоци врз нив и нивните фамилии”.
Мицкоски, пак, се пожали и за притисоци, како што рече дневна основа врз граѓаните но и врз членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Од Министерството за внатрешни работи ги демантираат како што ги нарекуваат дезинформациите изнесени од страна Мицкоски и ги отфрлаат како неточни.